
„Фабрика“ оригинално е објавена во Јапонија во 2013, а преведена на англиски во 2019. Првично опишана како „пролетерска новела“, таа се шалта помеѓу перспективите на три лика кои работат (а истовремено и живеат) на исто место. Тоа „место“, иако опишано низ детални физички параметри, како збир градби кои практично сочинуваат еден мал град - деловни објекти, канцеларии, храм, музеи, ресторани, продавници, пошта, бербери итн. - сепак до крајот останува мистериозно, иако не и крајно дистописко. Просто, има некаква нелагода која како да лебди врз конгломератот, за што придонесуваат и необичните животни (жаби, гуштери и нутрии кои не се однесуваат како оние „нормалните“) и откачените луѓе, како излезени од локалните легенди. Таков, на пример, е „Шумскиот пантолонар“, кој живее во густа шума во која човек лесно може да се загуби, а се среќава со луѓе само при обиди да им ги соблече пантоланите.
Со ова не-место се запознаваме преку искуствата на тројца нововработени кога тие почнуваат со своите нови животи. Целокупната хронологија опфаќа цели 15 години, иако тоа не е сосема јасно низ текстот. Всушност префрлувањето од една на друга приказна понекогаш се прави на таков начин што човек за момент го губи компасот, точно како да е и самиот вглавен во рутинизираниот живот на Фабриката, во кој нештата почнуваат да се замаглуваат, а луѓето, дури и оние кои внатре влегле со натпросечен интелектуален и ментален капацитет, да заглупуваат. Во една таква атмосфера, изгледа сосема сеедно дали поминале пет или петнаесет години.
Првиот лик е Јошико Ушујама - таа има трема што воопшто е примена на работа во институција на која ѝ се восхитувала кога како мала ги носеле на екскурзија. И покрај нејзините високи квалификации, таа добива задача по цел ден да „шредира“ документи, што набргу ѝ наметнува прашања за смислата и на фабриката но и на сопствениот живот.
Вториот лик е Јошио Фуруфуе. Тој е специјалист за мов, ангажиран во фабриката за да направи зелен, еколошки кров, но без никаков тим, буџет или насоки. Тој и Јошико случајно се запознаваат, по што ги споделуваат своите фрустрации од работата во фабриката.
Третиот, неименуван лик е брат на Јошико, кој добива привремена позиција како јазичен коректор на документи, и покрај тоа што претходно бил инженер. Тој ја врши оваа работа, но бидејќи истата нема никаква смисла (корегираните документи постојано кружат без да се знае кој треба да ги внесе корекциите и каде), тој често заспива на работното место. Практично, целата енергија ја троши за да остане буден, со храна и кафиња.
Читателот лесно ќе ги препознае предизвиците на некреативното и бесцелно „работење“ за некаква машинерија која е дехуманизирачка и самодоволна. Никогаш не дознаваме што точно произведува „фабриката“, ниту пак кој и зошто ги плаќа овие луѓе. Почнуваме да развиваме теорија на заговор, дека тие се тука како дел од некаков антрополошки експеримент, можеби набљудувани 24/7 и на работното место и „приватно“, во блиските работнички населби. Ако е тоа навистина така, тогаш експериментаторите после повеќе децении всушност и немаат што многу да набљудуваат, бидејќи освен „бунтовникот“ со пантоланите, никој не изгледа како подготвен за некаква побуна или излегување од рамките на зададеното однесување.
Ова е рефлектирано и низ јазикот на Ојамада, кој е „сув“, лишен од длабоки емоции дури и кога зборува за фрустрираност, како да е на лесни дроги кои само успиваат, без барем за момент да усреќат. Иако има три лика, со секоја измината страница тие како да се претопуваат едни во други, за на крај и едвај да ги разликуваме, освен по името и работната задача (уништување документи-правење покрив од мов-корегирање). Човекот е сведен на работната функција. Дури и околните животни имаат повеќе карактер од него.
Ојамада има уште една, прилично слична книга во смисла на необичност и мистериозност, под наслов „Дупката“, за жена која дава отказ со намера да биде домаќинка. По пад во некаква локална јама, почнуваат да ѝ се случуваат нешта за кои не сме сигурни дали се реални или халуцинации. И покрај тоа што се кратки (само сто и десет-петнаесет страници) обете книги се малку тегобни за читање, иако истовремено предизвикуваат и големо љубопитство. Самата Ојамада има работено во фабрика за автомобили, искуство кое веројатно влијаело врз пишувањето на „Фабрика“. Како свои инспирации таа ги има наведено Кафка и Марио Варгас Љоса. Има 41 година, така што очекуваме дека допрва може да изненади со уште нешто, уште понеобично.
Илина, Букбокс