Го запалиле стадионот, ама буквално

Валкеакоски е градче на 150 километри северно од Хелсинки. Има 20.800 жители. Главен фудбалски клуб од овој град е Хака која со дури 18 порази и освоени мизерни 17 бода на 27 натпревари, испаднала во втора лига.

Хака е деветкратен шампион на Финска, има 12 освоени Купа и е еден од најтрофејните клубови таму кој во минатото играше и еврокупови. Главната трибина на стадионот на Хака „Tehtaan kenttä“ изгорела во целост.

Ја пеплосал тинејџер, а едно 15-годишно момче признало во полиција дека тој го предизвикал пожарот откако запалил некаков предмет близу трибината. Тие нема да сносат последици зошто според финските закони како малолетни не подлежат на кривично гонење и затвор. Пожарот уништил и голем дел од теренот со вештачка трева.

„Не ни требаше ова. Веќе добивме голема поддршка од многу луѓе и ќе ни треба и во иднина. Се уште не сме ја пресметале штетата, но ќе биде значителна“, рекол првиот човек на клубот Марко Ларсон.

Директорот на Хака Оли Хутунен додал:

„Ова е шокантно, кога ќе помислиш колку Фактори Филд значи за финскиот фудбал. Ваков однос каде што не ти е гајле за имотот на другите е страшен. За жал и светот е таков. Не знаев навистина што било. Имам камери поврзани со компјутерот, отидов да погледнам и видов дека цела трибина е опожарена. Целата главна трибина останува изгорена и ќе треба да се урне. Процедурата е таква што надлежните и осигурителната компанија ќе ја следат ситуацијата. Еднаш кога истрагата ќе заврши, главната трибина ќе мора да биде урната“.

 

11 декември 2025 - 12:04