Родена во Апулија во 1928 година, Аделина Татило имала 40 години и била мајка на три деца, кога заедно со тогашниот сопруг Саро Балсамо го создаваат „Плејмен“ – италијанска верзија на „Плејбој“, прилагодена на европскиот вкус. Списанието, кое започнало да излегува во 1967, брзо постигнало огромен успех, но истовремено предизвикало силни реакции и осуди, бидејќи многумина сметале дека шири неморал и е спротивно на католичките вредности на Италија.
Нова мини-серија под наслов „Г-ѓа Плејмен“ на Нетфликс ја прикажува Татило во момент кога нејзиниот сопруг, засолнувајќи се во Франција за да избега од долгата рака на законот (а притоа со себе земајќи ја и својата љубовница), ја остава на цедило. Но таа не очајува - го презема кормилото на списанието и со екипа фотографи и истомисленици му го менува ликот, преземајќи огромен бизнис ризик. Тоа веќе не се фокусира само на „безобразни“ фотографии, туку нив ги става во контекст, ангажирано истражувајќи тогаш актуелни теми како абортус, контрацепција, развод и сл.
Ако „Плејмен“ до тогаш бил познат по фотографиите од голи жени, меѓу кои и славни личности како Брижит Бардо и Аманда Лир, сега во него имало и текстови за уметност, политика и култура, како и интервјуа со значајни фигури од светската сцена, на пример режисерот Пазолини. Списанието се продавало низ цела Европа и достигнало тираж од стотици илјади примероци, но истовремено постојано било во судир со законот. Броевите често биле запленувани само неколку дена по појавувањето на киосците – иако читателите најчесто биле побрзи од полицијата.
Еден од најголемите скандали се случил во 1972 година, кога „Плејмен“ објавил голи фотографии од Жаклин Кенеди, направени без нејзина согласност, додека се сончала на островот Скорпиос во Грција. Фотографиите предизвикале светска сензација и огромен публицитет, а подоцна биле преземани и од други еротски списанија низ светот. Татило не ја сметала себе си за одговорна, тврдејќи дека Кенеди била свесна за присуството на папараци на тоа место. По успехот во Европа, таа се обидела да влезе и на американскиот пазар со списание под името „Aделина“, поврзувајќи го брендот со „Playmen“. Тоа довело до судска постапка од страна на Хју Хефнер и „Плејбој“, која Татило ја загубила, па проектот траел релативно кратко.
Мини-серијата, која се обидува да даде „холивудски“ тон на приказната, додава слоеви во кои се третираат хомосексуалноста, младешката радикалност и насилството кон жените. Сепак, самата по себе таа можеби и не би привлекла внимание, да не е вистинската приказна за оваа решителна и храбра жена.
Подоцна, Татило изградила поширока издавачка кариера, објавувајќи книги и списанија поврзани со еротика, култура и феминизам, меѓу кои и феминистичкото списание „Либера“, кое комбинирало политика, мода и теми за женските права. „Плејмен“ го објавил последниот број во 2001 година, а Аделина Татило починала во 2007 година, на 78-годишна возраст, оставајќи зад себе контроверзно, но значајно наследство во италијанската медиумска и културна историја.