Филмот на браќата Тавијани, кој доби Златна мечка во Берлин во 2012., почнува со аудиција на актерите за претставата - затвореници во Ребибија, еден од најдобро чуваните затвори во Италија. Од нив се бара да ги кажат нивните генералии, во првиот случај со тага, додека се разделуваат со сопругите, а во вториот со гневен, лут став. Толку се добри во импровизациите, што сте речиси сигурни дека се работи за професионални актери.
Но кога на екранот почнуваат да се редат и делата за кои се осудени, почнувате да се сомневате. Го паузирате филмот и гуглате да се уверите. Да, да, луѓето навистина се осуденици, за убиства, организиран криминал, наркотици, сите се осудени на 14 години и повеќе, и да, сите се навистина талентирани за глума. Во тој момент филмот станува документарец, силна затворска драма за драмата на заточеништвото.
Она што го гледате, во црно-бела техника, се пробите на претставата, при кои границите помеѓу драмскиот текст и реалноста е замаглена. Глумејќи во претставата затворениците ги преживуваат траумите на нивните сопствени дела - предавствата, манипулациите, каењето. За некои од нив, осудени на доживотна робија, ваквото креативно будење е уште поголема казна. При крајот еден од нив во камера вели: „Откако ја открив уметноста, оваа ќелија стана затвор".
Режисерот на претставата (единствен кој живее вон затворот), заради поголема автентичност, ги тера актерите да ги изговараат репликите на нивните (италијански) дијалекти, што за некој кој го знае јазикот е сигурно уште еден живописен елемент. Костимографијата и сценографијата се минимални (бел чаршаф за Цезар, црна маичка за Марко Антоние). Ѕвезда на филмот е сепак Салваторе Стриано, кој го игра Брут. Него критичарите го споредија со Де Ниро, а по излегувањето од затворот тој навистина почнал да игра на филм. Како статисти учествуваат и тројца вистински затворски чувари.
Иако на прв поглед може да изгледа како некаков постмодерен експеримент, Цезар мора да умре не е воопшто претенциозен и блазиран, ниту патетичен во некакво сожалување на затворениците. Кој знае дали вакво нешто би можело да се изведе во Идризово?