тину-нину

Церебралните органоиди на Кроненберг

Режисерот кој како млад студирал органска хемија, и кој во своите научно-фантастични, често страшни филмови, има предвидено голем број технолошки откритија, најавува неколку нови проекти. Еден од нив - жив мозочен имплант, наречен Pod.

На 1. ноември во Торонто ќе се отвори подвижна изложба посветена на ликот и делото на Дејвид Кроненберг. Таа ќе вклучува реквизити и костими користени во филмовите, премиера на неговиот дигитално реставриран дебитански филм „Морници", како и симулација на барот од „Гол ручек", што ќе биде и трибјут на Вилијам Бароуз, инспирацијата на режисерот.

Истовремено Кроненберг најавува оживување на фиктивната технологија од неговите филмови - во соработка со BMC Labs (Body/Mind/Change) тој ќе создаде онлајн и мобилни апликации кои овозможуваат емоционално учење, играње и влез во виртуелни светови, нешта кои во неговите филмови се само идеи, а на овој начин ќе бидат преточени во научни факти. Нај тину-нину е мозочниот имплант наречен Pod (personal-on-demand), жив симбиот кој е дизајниран така за да ги води потрошувачите кон идеални производи за нив. „Физичката и интелектуална симбиоза со Под-от ќе го смени вашиот живот на повеќе начини", вели Кроненберг во видеото. Она што го премолчува е дека некои од тие начини може и да не се убави.

Во интервју за Гардијан, запрашан како изгледа кога твоите (откачени) идеи стануваат стварност тој вели:

Голем број од научно-фантастичните писатели од мојата младост - како Артур Кларк - беа многу горди за тоа што ја предвиделе иднината. Но тоа мене не ме возбудува. Никогаш не сум се сметал себеси за пророк. Секој има антени. Ако сте уметник, тие ти се поголеми. Ако антената ти е доволно чувствителна, фаќаш некои работи кои се предвидување на иднината, без оглед дали го сакаш тоа или не. Во „Видеодром" (негов хорор филм од 1983) не можам да речам дека го предвидов интернетот, но идејата за интерактвна електронска комуникација ми беше очигледна. Изгледаше како нешто што не може да се одбегне.

Интересен е и делот каде Кроненберг раскажува како Мартин Скорсезе му признал дека многу му се допаднале неговите рани филмови, но дека долго време му било шубе да го сретне Кроненберг во живо. „Ти си човекот што го режираше Таксист, а ти е страв да се сретнеш со мене?", реагирал Кроненберг. „Луѓето ја мешаат твојата личност со твојата работа на многу директен начин. Ако правиш страшни, хорор филмови, мора да си таков, страшен, грозен човек", заклучува тој.

13 септември 2013 - 14:33