Најраниот познат документ за камата на долг е 4500 години стара глинена плочка од јужен Ирак. Клинестото писмо на неа опишува граничен спор помеѓу два сумерски града, Ума и Лагаш, за тоа кој ќе контролира некоја плодна котлина и за јачмен кој првиот град му го должел на вториот.
Не можејќи да го врати долгот, кој добил астрономски пропорции, владетелот на Ума го нападнал Лагаш, но бил убиен додека бегал од местото на битката. Глинената плочка е споменик на неговиот пораз, еден од неколкуте кои останале да сведочат за долготрајниот конфликт помеѓу двата града. Друг се смета за еден од најстарите визуелни репрезентации на војувањето: фаланга копјаници - лагашки војници крај кои мрзошјадци носат глави и екстремитети на нивните убиени непријатели.
Интересно е што најраните наративи на незамислив долг и на организираното човечко насилство коинцидираат. Општествата на древна Месопотамија развиле бројни видови кредит, за да финансираат трговија на големи растојанија или да им помогнат на земјоделците што се нашле во немилост. Но со тоа истовремено биле развиени инструменти за извлекување на долговите од должниците. Кодексот на Хамураби, составен околу 1750 години п.н.е. содржи детални правила за позајмување, вклучително и ограничување за траењето на ропството на должникот, доколку не може да го врати позајменото (до три години).
Докази за позајмици со камати во текот на бронзеното доба се ретки. Такви нема во Новото египетско кралство, на пример. Но во следните десет векови оваа практика станала широко распространета. Древните санскритски текстови ги содржат каматните стапки кои позајмувачите можеле да ги наплаќаат и наведуваат правила за заложување на самиот себеси или на своите синови како гаранција. Во Кина недвосмислен доказ за постоење камати има барем од четвртиот век п.н.е. Првото спомнување во Грција е од четвртиот век, а како што е познато грчката драма, филозофија и историја се полни со потресени должници, лихвари и етички сомнителни „подвижни“ камати. Во „Држава“, Платон инсистирал дека долговите со камати се закана за полис-от, особено во смисла на револт од сиромашните кои на овој начин дополнително осиромашуваат.
Во средниот век црквата се обидела да ги прогласи каматите за незаконски, но без успех, бидејќи трговците и банкарите само поинаку ги нарекле давачките на позајменото (користен е и терминот „донации“). Полека каматите веќе не само што не биле табу, туку се сметале за нешто што е нужно и логично. Во 1571 кралицата Елизабета ги укинала анти-каматните одредби, поставувајќи максимална стапка од 10%. И во цела Европа каматите биле широко прифатени, како што настапувала ерата на проширена комерцијална активност и скапо војување.
Следи развој на модерните финансиски инструменти, и дискусии не дали да има камати, туку како тие да бидат регулирани. Во памфлет од 1691, Џон Лок направи ран но влијаетел аргумент против напорите каматите да се држат на ниско ниво, велејќи дека ова им штети на одговорните штедачи, а од тоа имаат корист само банкарите и нотарите кои се „вешти во уметноста на извлекување пари“. Според него не требало воопшто да има законска регулација на цената на позајмувањето пари. Токму од него потекнува и денес влијателното мислење дека каматата не е само соодветен инструмент во комплексни општества туку дека ниската, а не толку високата камата може да има негативни социјални ефекти и да охрабрува опасно преземање ризици. Нешто што го знаеме и денес, опкружени со реклами за брзи заеми со 0 камата.