Јернеј Млекуж работи во словенечкиот Институт за миграции, по образование е географ, а има докторат по интеркултурни студии. Автор е на книгата „Burek.si?! Концепти/рецепти" објавена 2008 во Словенија, а преведена и објавена на српски и албански. Во неа се истражува феноменот на прифатеноста на овој, како што го нарекува Lonely Planet, „плебејски, евтин, масен подлец" од страна на Словенците, особено од младите. Тие не само што не зазираат од културолошките и медицински сомнителните карактеристики на бурекот, туку го - обожаваат.
Некој ученик на католичката Шкофијска гимназија објаснува каков мора да биде бурекот за да биде добар: „Ако можеш да го видиш преку хартијата, однапред знаеш дека ќе биде супер". Што помасен, тоа подобар, гласи основното правило. И не е само до маснотијата, туку и до хигиената, која во случајов е подобра ако ја - нема. Едно од објаснувањата кои ги добил Млекуж е дека клучот за квалитетот на бурекот е продавачката што помалку пати неделно да ги мие рацете. Ако на пример таа ги измие рацете во четврток, веќе во петок бурекот не е толку масен.
Сето ова се толкува како побуна против тортурата на здравата храна, споена со отпорот против културниот естаблишмент, балканофобијата, југофобијата, американизацијата, мекдоналдизацијата. Буреците од словенечките пекари се сметаат за полоши од оние на албанските бурекџии, што е парадоксално кога ќе се земе предвид генералниот отпор кон не-словенечкото население во земјата. Преку љубовта кон бурекот се создава една цела супкултура која привлекува внимание на себе деконструирајќи ги доминантните значења. Тоа можеби и не е некаква револуционерна организација, но тивок отпор секако е.
На здравје отпорот, и салце да ни се стори!