Cards Against Bulgarianness (Карти против бугарштина) е верзија на друштвена игра Cards Against Humanity, една од најпопуларните во големи друштва, бидејќи не бара многу мислење а знае да биде многу забавна.
Оваа бугарската сигурно е уште поблесава, бидејќи содржи изрази кои само Бугарин и балканец би можел да ги разбере. На пример „Гласот на народот е глас на Господ. А луѓето сакааат...“ може да се дополни со друга карта на која пишува „Волен Сидеров“ (десничарски политичар), „72 девици“ и „Динко од Јамбол“ („ловец“ на мигранти, расист популарен во бугарските медиуми).
За разлика од оригиналот кој од САД се прошири низ цел свет, бугарската игра се соочува со неизвесна иднина, откако апликацијата на авторите до Бирото за патенти на Бугарија е одбиена. Образложението е дека брендот оди спротивно на „доброто воспитување и јавниот поредок“ и дека е навредлив за секој Бугарин. Бирото не може да го забрани производот, но ова значи дека компанијата не може да си го заштити авторското право и марката.
Зад неа стои брачен пар, адвокатката Мими Шишкова-Петрова и сценаристот Радослав Петров, кои велат дека хуморот којшто го промовираат е тотално безопасен а дека одбивањето е симптом на голем бугарски проблем: напумпаното национално самочувство, кое според нив нема врска со вистинското значење на патриотизмот. Идејата им дошла во текот на пандемијата, кога сфатиле дека и ним, а и на другите играчи, им е потребна повеќе смеа во секојдневните животи.
Како и другите меѓународни верзии, бугарската игра се состои од 100 карти со некомплетни реченици. Секоја се поставува со лицето нагоре и потоа играчите треба да ја дополнат реченицата бирајќи една од картите кои ги држат во рака, а кои се поврзани или со карактеристични бугарски херои и антихерои - политичари, фудбалери и пејачи, или национални особини. Маркетинг слоганот е „Друштвена игра за ужасни луѓе“.
Со оглед на тоа што авторите се жалеле на првичната одлука, но во април и жалбата е одбиена, тие ќе мора да одат на суд. Еден од нивните аргументи е дека се обидуваат да регистрираат бренд во полежерна област на игри и забава, а не (на пример) политичка партија. Но изгледа второво ќе им одело полесно.
„Има разлика помеѓу реалниот патриотизам и нашето заедничко недоразбирање за тоа што е патритотизам“, вели Петров. „Да се биде патриот не значи да се затворат очите пред негативните квалитети на нас, Бугарите. Тие не треба да бидат табу, затоа што ако се преправаме дека не постојат нема ни да ги решиме“.