Рејчел Стујард е Британка која живее во Германија и која до сега беше најпозната како водителка на популарното јутјуб шоу на Дојче Веле, „Запознај ги Германците“ (Meet the Germans). Нејзиниот најнов проект има интересен наслов, „Не го пиј млекото!“ (Don't drink the milk), а премиерната епизода под наслов „Пасоши: слобода на продажба“ беше емитувана на 17 октомври.
Најпрвото што се слуша во неа е разговор помеѓу Рејчел и нејзината колешка, како известуваат дека само што добиле нови пасоши од Вевчани, дека тој чинел само 3 евра и дека со оглед на спокојството и убавите луѓе, тие и навистина би сакале да живеат таму.
По ваквиот почеток следи преглед на историјата на овој документ, која и не е така долга. Пред 1914 односно пред Првата светска војна, не бил потребен пасош за преминување од една земја во друга. Но во текот на војната земји како Германија, Франција и Британија почнале да инсистираат луѓето од непријателските земји да поседуваат официјални документи за идентификација за влез во нивните територии. По ова и таканаречените неутрални држави, како Данска, Шпанија и Швајцарија на некој начин биле приморани да го следат истиот пример.
Одеднаш граничните служби се соочиле со многу различни патни документи, во смисла на форми, големини и начин на презентација на податоците. Било потребно решение, па Лигата на нациите во 1920 ги собрала на едно место светските лидери на конференција за „пасоши и царински формалности“. Така биле донесени стандарди како треба да изгледа пасош - книшка 15,5 сантиметри на 10,5 сантиметри, со 32 страници и името на земјата и нејзиниот грб на корицата.
Но голем број државници не го сакале овој документ, а не била воодушевена ни јавноста. Луѓето сметале дека пасошите им ја ограничуваат слободата. На 24 октомври 1926 Њујорк Тајмс напишал: „Мака со пасошите - системот кој е во мода после војната е комплициран, фрустрирачки и ја ограничува слободната комуникација помеѓу нациите“. Сепак, нештата веќе биле поместени до степен кога немало враќање - „понекогаш бариерите е полесно да се изградат отколку да се срушат“.
Во сета оваа приказна е испреплетена онаа за Македонија, нејзините 32 години, 2 имиња и 2 знамиња, што како што добро знаеме влијаеше и се уште влијае и врз ситуацијата со документите. Но според подкастот, Македонија е една од земјите во светот кои нуди пасош на продажба. Наводно ова може да се направи или со донација на 200.000 долари на владин фонд или со инвестирање на над 400.000 долари во бизнис во земјата кој треба да вработи најмалку 10 луѓе и да функционира најмалку една година. Иако прашањето е - што ќе му е некому македонски пасош?
За да не ви ги раскажуваме сите прилично динамични 38 минути и 46 секунди, епизодата можете да ја слушнете во целост тука