„Мојата љубопитност за режирањето изгледа многу различна од онаа на повеќето актери“, вели Купер. „Секогаш минувам голем дел од времето во монтажните соби и ги малтретирам режисерите и членовите на екипата со прашања“.
Приказната за „Ѕвездата е родена“ (оригинално направен во 1937, со уште две верзии, од 1954 и 1976), го привлекла заради тоа што во неа има силни ликови - славен музичар кој се бори со зависности (кого го глуми самиот) и талентирана млада девојка чија кариера тој сака да ја поддржи (ја игра Лејди Гага). За улогата на Џексон Мејн тој морал да научи да свири и да пее, но и буквално да си измисли нов глас, така за тој да биде подлабок и да не може да се процени од кој дел на Америка е точно. Така, почнал да го имитира бас-баритонот на Сем Елиот (кој го игра брат му во филмот). Иако за оние кои го гледале Купер во претходни филмови ваквата длабочина на гласот е очигледно вежбана и делува по малку смешно, тој богами се намачил дур ја постигнал. Во интервју за НПР тој објаснува:
„Со тренерот по говор развивме цела серија вежби и со саати слушавме снимки. Работевме четири часа дневно, пет дена неделно, цели шест месеци. Најпрвин беше многу тешко - можев да зборувам така само со главата надолу. Навечер кога легнував чувствував дека езофагусот ми се спушта во градите. Но подоцна стана некако природно, можев да дишам, да зборувам и да си го живеам животот со тој глас.“
И пеењето не било ништо полесно. Учел да дише за да ја совлада тремата, но кога се качил на вистинска сцена на фестивалот Гластонбери и на кантри фестивалот Стејџкоуч (на едниот пред 80.000, а на другиот пред 30.000 луѓе) каде се снимани некои од сцените без можност за преснимување, за момент помислил да се откаже. И тој како и ликот во филмот страдал од проблеми со ушите како мал, и заради инфекција за малку можел да го загуби слухот на десното уво.
Во интервју за Вентини Фер, Купер откри и врз чиј лик го формирал изгледот и однесувањето на Џексон - вокалот на Прл Џем, Еди Ведер. Практично, Ведер станал советник на филмот, бидејќи поминал неколку дена со Купер и му одговорил на „9000 прашања“, меѓу кои и за мали нешта за кои знаат само славните музичари. Во однос на свирењето гитара, соработувал со Лукас Нелсон, синот на Вили, кој го научил да свири скоро од нула.
Eве како тоа звучи во една од песните во филмот. Иако тој можеби и не е најдобриот љубовно-музички филм на сите времиња, саундтракот вреди самиот по себе