Бизарната легенда за ќерка што го дои татка си

Од антиката, уметници од различни културни контексти претставувале сцена која многумина би ја оцениле како перверзна. Таа е поврзана со легенда, за ќерка која успева да го спаси татка си кога тој е во зандана без храна и вода, со тоа што го дои.

„Римско милосрдие“ е приказна со морална поука позната уште од антиката, во која жена, по име Перò, тајно го дои својот татко, Симон, откако тој е осуден на смрт со прегладнување. 

Таа е запишана во „Деветте книги на значајни дела и изреки на древните Римјани“ на римскиот историчар Валериус Максимус, а е раскажувана како пример за голем чин на семејна „пиета“, односно милосрдие и римска чест. Сцени со таков мотив можат да се најдат на различни дела од овој период, на пример на слики и теракотни статуи од првиот век ископани во Помпеја, кои сугерираат дека визуелните претстави на Перо и Симон биле вообичаени, иако не е јасно дали тие биле инспирирани од записот на Максимус, или случајот бил обратен. 

Нешто подоцна, Плиниј Постариот раскажува слична приказна, во која кога властите дознаваат за пожртвуваноста на ќерката, која во овој случај ја дои мајка си, ја укинуваат казната. Кога чуварот-сведок се прашува дали можеби она што го гледа е противприроден чин, тој сепак заклучува дека станува збор за пример на „првиот закон на природата“ - љубов кон сопствените родители. 

Мотивот е промовиран во европската уметност од 16 век во различни медиуми - фрески, цртежи, масла на платна, керамика и бронзени медали. Во Германија браќата Бехам произвеле шест различни верзии од Перò и Симон, а првата се доведува во врска со кратката затворска казна која браќата и нивен пријател отслужувале поради обвинувања за атеизам. Во 17 век тој може да се најде во делата на најзначајните уметници на раниот барок, како Караваџо, кој ја вклучил во „Седумте дела на милосрдието“ (слика горе), нарачана од свештенството во Наполи. Како „инфлуенсер“, со ова Караваџо поттикнал цел тренд за слики со Перо и Симон, низ Италија, Франција, Холандија па дури и помеѓу шпансите сликари. И така цели два века. 

Една од најчесто цитираните слики кога станува збор за необичниот мотив е онаа на Питер Пол Рубенс (најгоре) со тоа што тој и неговите ученици во своите верзии додавале бебе што спие крај нозете на жената, кое не се споменува во легендата. Ова додало ново ниво на толкување, бидејќи трите фигури сега можеле да претставуваат три генерации или три доба на човекот.

Со променетите идеологии на црквата, државата и семејството, Каритас Романа станал маргинализиран мотив. Помогнало и тоа што доењето во високите кругови било сметано за „примитивна“ пракса која требало да им се додели на жените од понискиот слој кои за одреден надомест ги хранеле бебињата на богатите. Слики и други уметнички дела кои прикажувале доење во 18 и 19 век ретко биле изложувани, а некои од нив или реално или фиктивно биле „загубени“. Некои од нив веќе ја немаат оригиналната врска ќерка-татко, a на една од нив, насликана од жена, девојката не гледа на страна (кон затворскиот прозорец, односно кон надвор), туку директно во „камерата“. Ова може да се толкува повеќе низ еротска и/или низ феминистичка призма - жената-домаќинка и љубовница го храни својот сопруг. 

извор

18 март 2023 - 09:57