„Видлива далечина/Втор поглед“ е уметничка инсталација на уметницата Џенифер Боланд. Привремените дела се наоѓаат на патот во близина на Виста Чино, во Палм Спрингс, Калифорнија. Серија последователни билборди на кои до скоро имало реклами се заменети со совршено позиционирани фотографии на пејсажите кои се блокирани.
Секоја фотографија е специфична за позицијата на патот, така што додека ѝ се приближувате се случува изедначување на билбордот со хоризонтот, и оттаму просторот кој правоаголникот-натрапник го прекинувал секога е повторно споен.
Во јазикот на билбордите овој вид рекламирање се нарекува „Бурма Шејв“ според име на компанија-производител на крема за бричење која го користела ваквиот сериски начин на поставување, а кој може да се забележи само ако сте во подвижно возило (за песната од Том Вејтс со истиот наслов на македонски тука)
Ова е само прв дел од проект кој ќе трае до 30 април, во кој во долината Коачела повеќе уметници ќе изработат дела поврзани со глобални и локални прашања поврзани со климатските промени, имиграцијата, туризмот и голфот. Сите тие го користат постоечкиот пејсаж, свртувајќи го вниманието на минувачите од рекламите, назад кон природата.