Бавен секс, долг живот

Царските архиви во Токио содржат различни медицински совети за долговечност. Меѓу нив и такви кои имаат врска со суптилната уметност на спалната соба. Запомнете го бројот десет.

Денис Ноубл е професор по кардиоваскуларна физиологија на Универзитетот Оксфорд. Тој бил прв кој развил компјутерски модели на срцето (објавени во списанието „Нејчр“ од 1960). Но негово поактуелно истражување се однесува на медицинските совети содржани во 30 свитоци на „Инширо“, медицинската архива на јапонското царско семејство и неговите доктори. Овој збир документи е истовремено и прирачник, кој во себе обединувал извори од Индија, Кина и Кореја, а денес, иако некомплетен, сепак е скапоцен извор на информации. 

Во нив Ноубл открил холистички пристап кон човечкото здравје - не само лековити растенија, совети за исхрана и животен стил, туку и инструкции за создавање и одржување на „џингки“ (животната сила), со фокус на сексуалната енергија. Овие сфаќања, кои се стари повеќе од 2000 години, а изворот им е во Источна Азија, се сосема спротивни од западните идеи, меѓу другото и затоа што предвидуваат постигнување оргазам без „загуба“ на машкото семе. 

Во 10-тиот век, во текот на златното доба за јапонската поезија и книжевност воопшто, овие идеи се вградени во тогашните дела, на пример во „Приказната за Генџи“ на Мурасаки Шикибу, дама на царскиот двор (преведена и на македонски), која зборува за авантуристичкиот љубовен животна еден принц. Во ова, како и во другите дела од овој период, живописни метафори го опишуваат бавниот и внимателен пристап кон радостите на сексуалниот однос. Фокусот е на крајно забавени и нежни движења, кои ги активираат мистериозните енергетски меридијани внатре телото. 

Ова совршено се вклопува во спомнатиот прирачник (или обратно), односно со 28-миот свиток напишан од докторот на царот Тамба Јасујори во 984-та година. Во нив три жени го советуваат митскиот „Жолт император“ како треба да изгледаат „вежбите за долговечност“. Советите се во форма на стихови, а некои од нив гласат:

„Ако се направи само еднаш: силна енергија
Ако се направи два пати: јасен поглед и слух
Ако се стори три пати: ќе ги снема болестите.
Четири пати: душата е мирна.
Пет пати: крвта тече подобро.
Шест: бедрата зајакнуваат
Седум: задникот се стегнува
Осум: телото ќе свети
Девет: се постигнува долговечност
Десет: бесмртност.“

Не е нагласено дали сите десет пати треба да се поминат со истиот партнер. А и терминот „бесмртност“ не треба да се сфати буквално, туку како долготрајно и квалитетно подобрување на здравјето.

Свитоците се напишани на класичен кинески јазик и потребна е голема вештина да се преведат на модерен јапонски. Ова било животно дело на Сачико Маки, преведувач кој работел повеќе децении за да го заврши во серија од 34 томови. Останува „Ишино“ да биде преведена и на други јазици, а засега само делови се достапни на англиски. Проблем е и тоа што претходни преводи, на пример на холандскиот синолог и дипломат Роберт Ханс Ван Гулик на латински се цензурирани, иако станува збор за 1961, кога викторијанскиот морал од почетокот на 20 век веќе требало да е минато. Тој се одлучил на овој чекор за европските истражувачи да не трагаат по оригиналите, и тоа не само затоа што тие содржеле експлицитни совети и содржини, туку и поради тоа што биле придружени и со еротски илустрации. 

извор

19 февруари 2022 - 10:20