Во тек на неколку децении во раниот седумнаесети век, еден човек ги пречекувал туристите кои зборувале германски во Рим: Швајцарец по име Ханс Рудолф Хајнрих Хох, кој сакал да ја користи италијанската верзија на своето име, Џовани Алто (Високиот Јован). Облечен во униформа на швајцарската гарда, со екстравагантна шапка, Џовани изгледал маркантно додека ги водел турите низ Вечниот град, оживувајќи ги археолошките споменици со своите говорнички способности.
На крајот од секоја тура тој ги замолувал своите најславни клиенти да се потпишат во неговата тетратка, а денес овие албуми се чуваат во Ватиканска библиотека. Токму тоа бил и моментот кога тој им нудел и специјални сувенири од Рим, по исто така специјална цена: гравури од спомениците кои само што ги виделе, свежо направени во работилницата на локалниот печатар Џакомо Лауро. На неколку од нив го има и самиот Алто, во неговата работна облека.
Гравурите биле идеални сувенири: лесни за транспорт и не многу скапи. Алто и Лауро не биле први кои профитирале од продавање масовно произведени отпечатоци на туристи. Во 1530, значи еден век порано, еден шпански издавач и книжар базиран во Рим, Антонио Саламанка, веќе правел отпечатоци на римски споменици, кои комбинирани можеле да се чуваат во албум. Но бидејќи авторското право се уште било непознат луксуз, кога еден Француз, Антоан Лафрери се преселил во Рим и почнал да прави пиратски верзии од гравурите на Саламанка, Шпанецот не одговорил со судски спор, туку со понуда за соработка, која на двајцата им донела голем успех.
Низ големите библиотеки во светот денес се чуваат примероци од „Огледало на римската величественост“ (Speculum Romanae Magnificentiae), збирки на вакви сувенири направени како книги кои ги изработувале спомнатите издавачи за поимашните муштерии. Секоја од нив е специфична за купувачот, односно нема две исти „Огледала“.
Спомнатиот Лауро, соработникот на Високиот Јован, бил исто така безмилосен „пират“ што се однесува до туѓите гравури, од кои правел свои албуми под името „Сјајот на древниот град“ (Antiquae Urbis Splendor). Сепак, за разлика од неговите колеги кои се фокусирале на модерните градби, тој ги одбрал древните. Алто му напишал и предговор на првата ваква збирка, тротомен албум објавен во 1615.
Норвешкиот историчар на уметност Виктор Плахте Чуди, во книгата „Барокна антика: археолошката имагинација во рана модерна Европа“ ги истражува делата на Лауро. Тој открил колку овој бил лукав, менувајќи само по некој детал на сликите за да ги одбегне тужбите за авторски права. Но не само тоа - на гравурите прикажувал и тотално фиктивни реконструкции на римските споменици, кои се направени не од незнаење, туку намерно, за тие да изгледаат што повеличествено и што по „барокно“.
Додуша вакви фиктивни приказни има и во најраните водичи за Рим, како оние од 12 век кој им служеле на католичките аџии. Според нив, Ное се населил во Рим веднаш после поплавата, многу пред легендарниот пар бебиња по име Ромул и Рем да цицаат млеко од волчицата. Во Форумот живеел змеј, а на место наречено „Пеколот“ навистина излегувал оган од центарот на земјата. Ваквите митови и легенди кои се нуделе како вистини и на локалците и на туристите почнале да се отфрлаат при крајот на 15 век, кога Универзитетот во Рим најмил професори за тие да подучуваат нова дисциплина - хуманистички науки. Нивни студенти биле идни ватикански бирократи и барем еден од папите од 16 век (Павле Трети) кои учеле да ги споредуваат сведоштвата на древните автори со физичките артефакти од градот, и да се замислат како жители на античкиот свет.
Но поминало доста време додека сето ова знаење се прелеало во бизнисот на правење сувенири, затоа што повеќето уметници едноставно ги копирале делата на претходниците. Така тие создавале „барокна антика“ или „археологија на споменици кои постојат само на хартија“. Нивните дела раскажуваат една поинаква „археолошка“ приказна за Рим, фиктивна а сепак многу реална.