Испраќањето на ваквите memento mori пораки е единствената функција на WeCroak (croak-крекање, или во сленг, умирање, цркнување). Тие ви пристигнуваат на телефон „ненадејно, во било кој дел од денот, исто како и смртта“. Заедно со потсетникот пристигнува и пригоден цитат кој би требало да поттикне контемплација, свесно дишење или медитација.
Среде растечката загриженост за тоа колку и како ги користиме мобилните, технолошката индустрија за решавање на проблемот нуди - уште повеќе технологија. Илјадници апликации за „зголемување на свесноста“ се дизајнирани за да ни помогнат да се дисконектираме. Има такви за подобрување на дишењето, за тоа како да се размислува додека се трча, се јаде, се сурфа, или просто додека се чека, без да се прави ништо. Со оглед на тоа што повеќето од нас не можат да живеат на живописните Хималаи (или во некое наше запустено село) каде веројано има повеќе време за контемплација, тоа мора да биде вештачки поттикнато, со засега не баш јасни реални ефекти.
WeCroak е проект на Јан Томас, 27-годишен фриленс дизајнер на апликации и Ханса Бергвал, 35-годишен новинар, кои се запознале случајно. Нивното „чедо“ засега не доживува некој посебен успех - даунлодирана е цели 84 пати од јули оваа година. Но има и зошто не е популарна. Наспроти апликациите чија цел е да расположат, мотивираат, поттикнат, WeCroak ти го прекинува денот со порака од типот „во гробот нема ќошиња осветлени од сонце“. Но коментаторка на Атлантик, која ја користела повеќе од еден месец, по некое време почнала да ја сфаќа нејзината корисност. Пораката - една и постојано иста - „Не заборавај, ќе умреш“ ја олабавила кога била нервозна пред јавен настап, или кога цела стегната отишла на свадба на пријателка а притоа имала куп незавршени обврски. Потсетувањето дека животот е краток и треба да се ужива во него истовремено ужаснува, но и ослободува. Освен тоа, апликацијава е една од ретките која не прави ништо освен што ја врши таа една специфична задача, со што нуди модел на софтвер кој навистина го почитува нашето внимание без да турка во бескрајно скролање во име на „медитација“.
Ова е особено корисно доколку добиеш порака од WeCroak среде невротична проверка на нотификации на Фејсбук или Твитер, триесетта по ред во денот. Всушност Бергвал, еден од креаторите на апликацијата, бил мотивиран да ја направи и затоа што се борел со зависност од Кенди краш. Така, создал анти-апликација, не ескапизам од непријатни мисли какви што се повеќето останати, туку напротив, гледање директно во дисплеј на смртта. Затоа, не прашувај за кого ѕврцка телефонот - ѕврцка за тебе.
Претходно: Клубови за муабет за смртта