Смртта го поставува најтешкото животно прашање: чуму сè, ако знаеме дека ќе се умира. Еден од можните одговори е - за да си правиме муабет на оваа тема. Тоа го сфатиле учесниците на дебатите „Кафулиња на смртта", кои неодамна почнаа да се одвиваат во повеќе американски градови, а по примерот на слични во Европа.
Концептот на „кафулињата на смртта" започнал во 2004 во Швајцарија, кога социологот Бернар Крета (Bernard Crettaz), чиј истражувачки интерес е смртта, ја промовирал идејата, а потоа ја проширил и во Белгија и Франција, каде овие дебатни клубови се нарекувале "cafés mortels". Искуствата произлезени од нив ги опишал во истоимена книга од 2010.
„Целта е да се зголеми свеста за смртта за да им се помогне на луѓето да извлечат колку што можат повеќе од животот", вели Лизи Мајлс, социјален работник - волонтер, која е иницијатор на првото вакво дружење во САД, организирано оваа година преку Кикстарт. Разговорот вообичаено почнува со собирање пари за кафе,чај и колачи, а потоа дискусијата си зема свој тек, во зависност од интересите на присутните. Понекогаш таа повеќе се врти околу различните религиски претстави на смртта, задгробниот живот, пеколот и смртта. Друг пат има прашања од типот - како сакате да умрете? Во сон? Во болница? Дали сте уплашени? Каков погреб би сакале? И што до тогаш?
Кој знае како би изгледале вакви клубови кај нас. Сите седнуваат, си поќутуваат, дур водителот не го изговори мразокршачот - „иначе“? И после почнуваат за политика.