Во ракописот постои сцена во која Мор, англискиот филозоф и советник на кралот Хенри Осми, автор на „Утопија" (за која пишувавме тука) им се обраќа на оние кои протестираат против напливот бегалци во Лондон. Oва се случува во време на зголемени тензии заради големиот број француски протестанти (Хугеноти) кои барале азил во главниот град на Англија, бегајќи од татковината заради католичкиот прогон низ цела Европа, па дури и во делови на северна Америка и Квебек. Се проценува дека такви бегалци при крајот на 17 век имало половина милион.
(Семејство Хугеноти во бегство од Франција)
Томас Мор инаку бил остар противник на протестантската реформација, а католичката црква го има канонизирано како маченик и заштитник на државниците и политичарите. Сепак, ова не му пречело да се заложи за сочувство со имигрантите.
„Тоа е навистина силен реторички текст", изјавила кураторката на спомнатата збирка документи во сопственост на Британската библиотека, Зое Вилкокс. „Во суштина повикува на емпатија на толпата со имигрантите, или туѓинците како што се нарекуваат во текстот. Ги повикува да не покажуваат она што тој го нарекува 'нехуманост од огромни пропорции'".
Сето ова звучи особено актуелно во контекст на актуелната бегалска криза во Европа.
Оригиналната драма напишана околу 1600 во врска со животот на Мор не била од Шекспир и не била поставена заради страв од немири. Но Вилијам бил еден од неколкуте автори кои ја преработиле и ѝ дале нов дух. Меѓу другото тој пишува:
„Кога би ве избркале, каде би оделе?/Која земја, според природата на вашиот престап/Би ви дала засолниште? Одете во Франција или Фландрија/Во било која германска провинција, Шпанија или Португалија/Каде и да е што не е Англија/Би морале и вие да бидете туѓинци".
Освен овој ракопис единствено нешто напишано од раката не Шекспир до сега беа шест негови автентични потписи. Оттаму, ова се смета за значаен документ, и по неговата содржина и по неговата архивска вредност.
Извор: Гардијан