Од 23-29 септември, како дел од Програмата за култура на ЕУ, ќе биде отворен саем на книгата, во чии рамки, преку литературни читања, гостувања на автори и дебати ќе бидат презентирани книги преведени со поддршка на оваа програма. Во периодот од 2007-2013 година во нејзини рамки на македонски се преведени 165 книги, од класиците до современи европски автори. Сакавме да го одбележиме овој настан и големото влијание кое го изврши оваа програма врз збогатувањето на книжевниот фонд на македонски со една книга од обемниот список. Изборот падна на - „Утопија".
Делото од 1516 е напишано на латински, а преведено на англиски дури во 1551, под наслов „Навистина златна мала книга, не помалку корисна од забавна, за најдобрата состојба на една држава, новиот остров Утопија". Тоа е роман, политички трактат, сатира, или сето наведено заедно. Неговиот автор, Томас Мор, англиски државник и хуманист, кој заради држењето на страната на папата во конфликтoт помеѓу него и кралот Хенри VIII, и заради тоа што одбил да присуствува на крунисувањето на Ана Болејн (Хенриевата втора жена) за кралица на Англија, бил обвинет за предавство. По судењето кое траело петнаесет минути, бил осуден на смрт со обезглавување. Во 1935 папата Пиј XI го канонизирал како светец.
Утопија како термин во себе носи интересна игра на зборови - истовремено е и добро место, и не-место, односно место кое не постои. Тоа е замислена, а сепак толку детално опишана земја-концепт, што за миг навистина може да поверувате дека таква некогаш постоела, или се уште постои, некаде „таму", но секако не „тука". Остров со 54 градови, сите со иста основна структура, архитектура, јазик, обичаи и закони, вештачки издвоен од копното од страна на извесен генерал Утопус (погрешно цитиран во некои прикази на книгите како 'крал') како мерка против социјално и секакво друго „загадување" на островот од надворешниот свет, таа е идеална заедница на граѓани со точно утврдени позициии во социјалната хиерархија, и толку добро уреден трудов процес, што никој не е онеправдан, гладен или сиромашен.
Комунизам? Во 1918 во Москва била оддржана комеморација посветена на Мор и е откриен обелиск во негова чест, чија изработка и поставување ги организирал Ленин. Можеби тие, како и бројни други мислители во историјата на идеите, во оваа на Мор виделе реално остварлив концепт, можен во одреден историски момент, на пример токму во оној во кој тие живееле. Но амбицијата на Мор не е да понуди модел кој буквално би се спровел во практика - Утопија да повториме, не е место. Тоа е мерен инструмент за тоа до каде сме и до каде можеме да одиме, во етичка, естетска, и воопшто хумана смисла.
Секако, ова е само едно од можните читања. Едно поинакво би можело да биде крајно песимистичко - еве го моделот, толку едноставен и елегантен, кој човекот (со мало ч) никогаш нема да го постигне, затоа што е алчен, суетен и ненаситен. Оттаму „сатира" е можеби пребанална одредница за пораките кои ги содржи ова дело. Тоа како да содржи некаква пророчка меланхолија, длабоко сознание дека работите ниту се, ниту ќе бидат добри, и на свое место, туку дека ќе бидат токму такви, у-тописки.
Зошто токму ова дело, на македонски одлично преведено од Зоран Анчевски, пред горенајавениот настан? Книгата на Мор често се толкува и како иронија кон Европа, суровите пресметки помеѓу нејзините политички елити и воопшто кон сето нејзино општествено уредување, кое во сè е спротивно на утопискиот идеал. Дали денес, по речиси пет века, сме помалку песимистични и помалку меланхолични од Мор, кога ја замислувал Утопија, и ја споредувал со неговата Европа? Тоа било време на големи откритија, кога Новиот свет отварал токму такви, нови географски, економски, но и антрополошки перспективи. Каде е нашиот Нов свет, и дали тој, како што вели етимологијата на зборот „Европа", е со широк поглед?