пишува: Катја Хојер

Уште кога беше жив, Конрад Аденауер го викале „Старецот“. Кога првиот повоен канцелар на (Западна) Германија почина во 1967 година на 91-годишна возраст, тој сè уште беше член на парламентот, поставувајќи рекорд во возраста за активни пратеници кој сè уште важи до ден-денес. Доколку Аденауер живееше уште подолго, оваа недела ќе го прославеше својот 150-ти роденден. Но, дури и без негово присуство, тој беше широко прославен, особено ентузијастички во медиумскиот пејзаж во Западна Германија, кој сè повеќе се осврнува на повоените децении низ мекиот филтер на носталгијата. „Исталгија“, носталгија за поранешна Источна Германија, често е прекор што поранешните граѓани на ГДР го слушаат кога зборуваат за сопственото минато. Но, постои и „Весталгија“, а тоа има многу врска со времето во кое живееме денес.
Не ме сфаќајте погрешно. Како историчар, имам голема почит кон Аденауер. Првиот канцелар на Сојузна Република Германија го постави курсот за неверојатно успешна политичка, економска и морална реконструкција на Германија по Втората светска војна и нацизмот. Притоа, мораше да надмине огромни предизвици. Првично избран на функцијата во 1949 година со тесна разлика (со само еден глас - неговиот) тој наскоро ги придоби повеќето Западни Германци за своите политики. На изборите во 1957 година, ЦДУ/ЦСУ, под негово водство, го постигна единственото апсолутно мнозинство (50,2%) во повоената германска историја и можеше да владее сам. Без сомнение, Аденауер постигна многу и изгради општествен консензус што е незамислив денес.
Со оглед на високо поларизираната денешна Германија во која многумина копнеат по поголема кохезија и владина компетентност, можам да разберам зошто се мечтае по навидум идиличниот свет на повоена Западна Германија и зошто еден понијансиран пристап - задолжителен во сите други аспекти на германската историја - предизвикува вознемиреност. Сепак, оваа носталгија за стариот Запад, колку и да е разбирлива на човечко ниво, се заканува сè повеќе да се оддалечи од сложеноста на историската реалност.
Неделава Аденауер доби речиси исклучиво ласкави пофалби. Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер го пофали како „голем демократ“ чии постапки историјата ги оправдала. „Зидојче Цајтунг“ го нарече „Конрад Велики“. За „Ди Велт“, Аденауер е „канцеларот што ѝ е повторно потребен на Германија денес“. Дури и „Шпигел“, магазин кој Аденауер го сметаше за „партал“, му зема интервју на неговиот внук Стефан Верхан давајќи му шанса да објасни зошто Германија треба „да се врати на политиките на [неговиот] дедо“.
Се разбира, секој знае дека наследството на Аденауер е комплексно. На пример, фактот дека германското единство, па дури и самите Источни Германци, не беа особено високо на списокот на приоритети на Аденауер. Тој го приоритизираше „Западното поврзување“ особено со САД, пред повторното обединување на државата.
Постоеја основани реални политички причини за одлуката на Аденауер да ја претпочита западната интеграција пред германското единство. Тој е роден во Келн, во западна област која беше ставена под пруска контрола по Наполеонските војни. Прусија беше укината во 1947 година, но нејзината сенка живееше во срцето на Аденауер. Поголемиот дел од тој простор сега беше Источна Германија.
Аденауер прво се сретна со германскиот Исток (во географската смисла на тој збор) како пруска суперсила. За време на неговото време како канцелар (1949-1963) беше под советска контрола. А беше цврст антикомунист. Зборувал за „азијатска степа“, се вели дека штом неговиот воз ја преминувал реката Елба, ги спуштал завесите за да не мора да гледа кон Истокот.
Друга точка што продолжува да биде жестоко дебатирана во историската наука во врска со Аденауер е неговата одлука да интегрира бројни поранешни нацисти во структурите на Сојузна Република Германија.
Може да се дадат и други аргументи за реинтеграцијата на поранешните нацисти, на пример, дека од доктор, генерал или учител не можеш да се откажеш само зашто претходно бил за Хитлер. Но, дали ова го оправдува назначувањето луѓе како Ханс Глобке, кој беше долгогодишен шеф на Сојузната канцеларија на Аденауер, иако тој беше коавтор на Нирнбершките разни закони и други антисемитски закони од нацистичката ера?

Пред да помислите дека ова е некое луто источногерманско гневење за западногерманската историја, да ве потсетам дека го сметам Аденауер за еден од најспособните политичари во германската историја. Сепак, како историчар, ја сметам зголемената романтизација на овој период малку загрижувачка.
Дури и раководството на левичарско-либералната Зелена партија одлучи во 2023 година да вклучи цитат од Аденауер во нивниот изборен манифест - единствениот цитат, замислете, во памфлет долг над 100 страници - сè додека некој не се сети дека Аденауер беше цврст католички конзервативец чии ставови за жените не се совпаѓаат со феминистичкиот поглед на Зелените.

Аденауер бил гледан многу покритички додека бил жив отколку што е денес. На пример, во 1961 година, кога сè уште бил канцелар, „Шпигел“ го обвини дека намерно автократски владее со политички апатично население. СПД, а особено лидерот на опозицијата Курт Шумахер, го обвинија дека е „Канцелар на сојузниците“, кој намерно ја продлабочува поделбата на Германија. Шумахер, исто така, сметал дека работниците биле измамени во системот на Аденауер. Иако тие наскоро ќе заработат добри пари благодарение на германското економско чудо по војната, високото образование останало во голема мера недостапно за нив. Според една студија од 1965 година, долните класи сочинувале само 5,4% од студентското тело на универзитетите, иако правеле над половина од населението.
Нема потреба да се задржуваме на сето ова на неговиот 150-ти роденден, но интересно е што сликата за Аденауер денес е попозитивна од кога било. Ова има повеќе врска со времето во кое живееме отколку со новите историски сознанија или извори. Западот како целина се мачи. Германската економија стагнира. Според анкетите, конзервативната партија на Аденауер (која е и партија на канцеларот Фридрих Мерц) денес би добила само половина од гласовите што ги доби Аденауер на врвот на својата моќ.
Денес, Германија не може ни да се договори кои се нејзините непријатели и пријатели. Во контраст на тоа, ерата на Аденауер изгледа јасна и оптимистичка: непријателот беше на Исток, економијата цветаше, мажи, жени, работници, државни службеници - секој имаше свое цврсто место во општеството. Комплицирањето на оваа носталгично идеализирана слика со мисли „да, но“ беше подносливо сè додека постоеше фундаментална сигурност. Но, во нашата сегашна ера, каде што сè изгледа дека е во прашање, од просперитетот до биолошкиот пол, многумина се препуштаат на утешителната идеја дека некогаш постоело време кога сè било подобро и поедноставно. Незгодните вистини стануваат фактор на дестабилизирање.
* извор