Што е тоа „Митридатизам“ и дали навистина функционира?

Ако барате историска личност што изгледа како да излегла од „Палп фикшн“, тогаш Персиецот Митридат Шести е вистинскиот избор. Тој бил крал на Понт (во денешна Турција) и важи за еден од најлукавите и најопасни противници со кои некогаш се соочила Римската империја. Според легендата, (по нашки) Митре со години намерно внесувал мали, нефатални дози отрови за да го навикне своето тело и да стане имун на нив. Спојлер: кога решил да се убива, токму овој имунитет не му го дозволил тој луксуз.

„Митридатизам“ е практика на постепено градење толеранција кон отрови, а е именувана по реална историска личност, персискиот крал Митридат Шести. Според преданието, Митридат како млад принц бил принуден да побегне во дивината по убиството на татко му. Годините во прогон ги поминал во постојан страв од атентат, па токму тогаш почнал систематски да го зајакнува својот организам. Се раскажува дека хранел патки со отровни растенија, а потоа ја пиел крвта на оние што преживувале, внесувајќи така мали количини токсини. На овој начин постепено ја зголемувал својата отпорност. Му се припишува и создавање на совршен противотров – митридатиум – чиј состав, сепак, останал изгубен во историјата.

Кога се вратил во Понт и станал крал, Митридат се покажал како извонреден воен стратег. Во војните против Рим, познати како Митридатски војни, користел отровни стрели, змии и запаливи хемиски супстанции. Иако долго им пркосел на Римјаните, на крај бил поразен и заробен. Иронијата е во тоа што, обидувајќи се да изврши самоубиство со отров, не успеал – телото му било премногу навикнато. На крај побарал од својот телохранител да го усмрти со меч.

Колку од ова е мит, а колку вистина? Науката денес признава дека за одредени токсини навистина може да се развие толеранција, но тоа не важи за сите. Тешките метали, на пример, се таложат во телото и дури и мали, редовни дози можат да предизвикаат сериозни оштетувања. Други отрови, пак, се обработуваат во црниот дроб и со време организмот може да се приспособи – како што е случајот со алкохолот, иако и тука последиците можат да бидат штетни.

Иако идејата за „микродозирање“ со смртоносни супстанции звучи застрашувачки, современата наука повторно покажува интерес за неа, особено во обидите да се развие универзален противотров за змиски каснувања (за што пишувавме претходно во „Нов ефикасен и евтин змиски противотров добиен од лами“). И денес постојат „модерни митридати“. Во 1960-тите, американски ветеринар сам се инјектирал со змиски отрови за да развие вакцина. Најекстремен пример е Тим Фриде, кој со години намерно се изложувал на отрови од најопасните змии во светот. Неговата крв денес се користи како основа за развој на универзален противотров што би можел да спаси илјадници животи, особено во земјите каде што змиските каснувања сè уште се сериозна закана (за Тим претходно тука).

9 јануари 2026 - 16:20