Човек-мунгос со универзален змиски противотров во вените

Науката треба да е неизмерно благодарна на лудата манија на Тим Фрид да се клука со стотици змиски отрови и на неговата среќа да ги преживее. Антителата се прилагодиле да се бранат од секој токсин, па сега од неговата крв се развива противотров ефикасен против сите отровници. Од каснувања од змии секоја година умираат по 140.000 луѓе, а тројно повеќе остануваат со трајни последици.

Змијарот Тим Фрид намерно примил отров од змии 856 пати во изминатите 18 години. Уште првото каснување можело да заврши фатално, но кај Фрид поттикнало екстремно луда манија свесно да го полни телото со отрови.

Чувал отровници како миленичиња, па дури и им го молзел отровот и во разредени дози си го вбризгувал со шприц. Постепеното дозирање му овозможило на организмот да гради имунитет и да го прилагодува на секој нов токсин.

Фрид го каснале повеќе од 200 змии, а уште стотици пати со инјекција се изложил и на најсмртоносни отрови од египетски кобри, тајпани, ѕвечарки, дури и црни мамби. Најблизу до смртта бил кога за само еден час два пати го каснала кобра.

Неговите видеа на Јутјуб го привлекле вниманието на Џејкоб Гланвил, имунолог и директор на биотехнолошката компанија Centivax. Користејќи ги хиперимуните антитела на Фрид, тим научници сега создале противотров, кој во лабораториски експерименти заштитил глувци од отров на 19 видови змии, наведени како најсмртоносни на листата на Светската здравствена организација.

Противотровите обично се создаваат од антитела во крвта на овци или коњи што биле изложени на отрови од само еден вид змии. Затоа противотровите се специфични за секој регион, во зависност од типот на змиите. 

Кај Фрид биле изолирани антителата LNX-D09, кој се покажал ефикасен против отров од шест видови змии, и SNX-B03 делумно ефикасен против десетина. Нивното дејство може да се засили во комбинација со други лекови.

Целта на Гланвил е да развие универзален противотров што што може да спаси секого, секаде, од кој било вид отровница. За да стане таков противотров достапен за луѓе, ќе треба да се спроведат строги клинички тестирања во лаборатории и кај во ветеринарни клиники во Австралија, кај кучиња каснати од змија.

3 мај 2025 - 09:36