Во 2002, психијатарот од Харвард, Арманд Николи, врз основа на тогаш новопронајден документ тврди дека Сигмунд Фројд во 1939 во Лондон, кратко време пред да почине, се сретнал со неименуван професор од Оксфорд. Ова ја храни имагинацијата на проучувачите на Фројд, кои почнаа да се прашуваат со кого тоа славниот психијатар сакал да размени мисли во еден таков тензичен момент, среде бомбардирањето на Лондон, кога е веќе болен од рак на вилица и знае дека ќе умре.
Овој филм, режиран од Мет Браун, а направен врз основа на тетатарска претстава на американскиот автор Марк Сент Жермен, вели дека мистериозен човек всушност бил Клајв Стејплс Луис, попознат како К. С. Луис, британскиот автор најпопуларен по серијата за деца и млади „Хрониките на Нарнија“. Во таа 1939 тој додуша е далеку од славата која ќе ја стекне подоцна, како радио водител за време на војната и како плоден автор на повеќе од 30 книги, од кои голем дел теолошки и посветени на христијанството.
Иако бил крстен како мал во родната Ирска, Луис се оддалечил од религијата, oсобено откако како војник ги искусил ужасите на Првата светска војна. За разгорувањето на неговата вера најзаслужен е Џ. Р. Р. Толкин, авторот на „Господар на прстените“, кој му бил близок пријател. Обајцата работеле на катедрата по англиска книжевност на Оксфорд и биле активни во неформална факултетска група наречена Инклингс. Под негово влијание, тој на 32 години му се враќа на англиканизмот, додуша на разочарување на Толкин кој се надева дека тој ќе ѝ се придружи на католичката црква.
Во 1933 ја објавува книгата „Застранувањето на аџијата“ (The Pilgrim's Regress) во која, меѓу другото, го исмева „атеистичкиот Фројдизам“ и секое друго безбожништво. Ова е замислената причина зошто Фројд би можел да биде заинтересиран за нивна средба, на која додуша тврди дека никогаш не ја читал книгата (за потоа на заминување да му ја тутне на Луис в џеб, со посвета). Разговорот го водат во лондонскиот дом на Фројд, додека над небото се собираат бомбардери, а низ градот оддекнуваат сирени. Во една таква ситуација малку е веројатно дека Луис би си ја оставил сопругата (патем, мајка на негов загинат воен другар) и би дошол на нешто што однапред се знае дека е конфликтен муабет со постариот „кум“ на психијатријата. Или можеби знаел дека човекот е при крај и сакал да му ја исполни последната желба?
Како што сугерира и насловот, тоа навистина излегува последна „сесија“ на Фројд, иако не е јасно кој во таа сесија е пациентот, а кој докторот. Затоа што на провокативните, па дури и агресивни забелешки на стариот, Луис не останува должен, сепак задржувајќи го потребното ниво на почит. Тој не пропушта да ја забележи и иронијата - човекот што се декларира за радикален атеист во својата дневна соба не може игла да фрли од статуи на божества.
Во меѓувреме се запознаваме и со Ана Фројд, ќерката на Сигмунд (ја игра одличната Лив Лиса Фрајс, ја знаеме од „Берлин Вавилон“), која екстремно приврзана кон татка си низ паничниот град се обидува да му обезбеди морфиум. Овој аспект на приказната делува дека би можел да биде одделен филм, а дека фокусот сепак требало да биде на главната приказна. Истовремено, за сепак да се обезбеди баланс на силите, наспроти убер-доминатниот Хопкинс, кој патем го снимал филмот на 85-6 години, можеби не требало да биде Метју Гуд (Downton Abbey, The King's Man), туку некој кој би му пружил реален отпор.
Фројд, со асистенција на својот личен доктор, две недели подоцна си ги прекратил маките. Речиси сигурно без да се премисли во врска со вербата во Бога.
Илина, Букбокс