„Мрачни архиви: истражување на една библиотекарка на науката и историјата на книгите подврзани во човечка кожа“ е нова книга на Меган Розенблум. Таа самата е специјалист за ретки книги и библиотекарка на Универзитетотот Калифорнија во Лос Анѓелес. Темата е необична, но авторката сметка дека и покрај нелагодноста која ја предизвикува таа е истовремено и значајна, и од историски и од цивилизациски аспект, бидејќи има врска со стравот од смртта. Розенблум има ко-основано „салон на смртта“ во Лос Анѓелес - место каде може отворено да се зборува на оваа тема и од експерти да се научи како да се прифати сопствената смртност.
Во моментов се идентификувани 50 примероци од книги подврзани во човечка кожа во светот, иако вистинската бројка е сигурно поголема. Причината за потешката идентификација е што човечката кожа тешко се разликува од онаа на други цицачи, а неодамнешниот развој во технологијата на секвенцирање на ДНК овозможува да се детектира човечката од другата кожа.
Изненадување за многумина е што стереотипното тврдење дека нацистите биле оние кои ја развиле оваа практика се покажува како неточно. Всушност станува збор главно за доктори. Еден од нив, Џон Стоктон Хју од Филадефија подврзал три книги во кожа на извесна Мери Линч, локална жена која умрела на 28 години од туберклоза во 1869. Во текот на аутопсијата Хју отстранил и сочувал кожа од нејзините бедра а потоа си ги подврзувал книгите со неа - можеби како некој вид бизарен спомен на пациентката.
Секако, овие артефакти се многу барани од колекционерите и постигнуваат висока цена. Некои од експертите со кои разговарала Розенблум сметаат дека тие треба да бидат уништени, закопани или забранети а не собирани и јавно изложувани. Но според неа тие треба да се испитуваат без оглед на гадењето кое го предизвикуваат. „Ако вашата ментална слика на доктор кој подврзува книги во човечка кожа е како за некој осамен луд научник кој ова го прави во морничав подрум, тоа е разбирливо. Но вистината за овие доктори е поинаква и таа ги става под знак прашање нашите современи перцепции на медицинската етика, согласноста и употребата на човечки остатоци“.
Во нејзината книга која НЕ е подврзана во кожа, таа не ги поштедува читателите од детално наведување на методите на правење на овие книги. И покрај сета морничавост, таа според критичарите прави отсега натаму малку поинаку да гледаме на ваквите изданија, особено тогаш кога ќе ни паднат под рака.