Нов филм под наслов „Радиоактивно“ (Radioactive), биографски приказ на животот и постигнувањата на Марија Кири, можеби и не е најуспешен во филмска смисла - нема дефиниран фокус, науката ја прераскажува во форма на јутјуб видео, сцените во кои се опишува влијанието на нејзините откритија во историјата на човештвото изгледаат како (визуелна) писмена работа на средношколец. Но скастрен од сите вишоци, тој сепак содржи интересни информации за контекстот во кој работела Кири, тогаш единствена жена-научник во рангот на Нобеловците.
Првата средба во филмот помеѓу неа и сопругот Пјер се случува во Париз, на изведба на тн. „Змиски танц“ на Луи Фулер, американска танчарка која денес се смета за зачетник на модерниот танц, но и експериментирањето со светло кое до тогаш не било видено на сцената. Настапувала со долго свилено здолниште кое се лелеело поради нејзините елегантни кружни движења, а било дополнето со светлина во боја која исто така се прелевала, засилувајќи го ефектот. По настапите во САД се појавиле бројни имитатори, меѓу кои Мини „Ренвуд“ Бемис со која воделе судски спор за авторството на „Змискиот танц“. Тогашната одлука на судот во корист на Бемис имала далекусежни последици по начинот на кој се регулираат авторските права и денес - нејзе ѝ било дозволено да го изведува танцот со оглед на тоа што тој не содржел ништо суштинско - говор, лик или некакви посебни гестови, туку се состоел од прости механички движења кои според судот не можеле да бидат предмет на авторско право.
Како и други американски уметници од тоа време Фулер заминува за Европа, каде очекува да го добие вистинското признание. Тоа и се случува - го привлекува вниманието на голем број француски уметници и научници, како Тулуз-Лотрек, Стефан Маларме и Марија Кири.
Сепак, нејзиното име е поврзано не само со танцувањето туку и со поголем број патенти поврзани со осветлувањето на сцената, како хемиски состојки за колор гелови и употреба на хемиски соли за флуоресцентно осветлување и костими.
Нејзина блиска пријателка била кралицата Марија од Романија - Фулер преку контакти во амбасадата на САД во Париз одиграла голема улога во тоа САД да и даде заем на Романија во текот на Првата светска војна. За возврат, кралицата и еден американски бизнисмен, Семјуел Хил, го основале Музејот Мерихил, каде и денес има постојана изложба за кариерата на Фулер.
По нејзината смрт од пневмонија на 65 години, нејзината долгогодишна партнерка Габриел Блох, сет дизајнерка, режисерка и фотографка, го наследила и бизнисот со школата за танц и лабораторијата каде обете ги вршеле експериментите со боја и светло. Нивната врска дури и во навидум либералниот Париз создавал контроверзи, меѓу другото и затоа што Фулер била осум години постара од Блох, а пак втората постојано се облекувала како машко.
Филм од 1896 на браќата Лимиер на кој е прикажан танцот иако не го изведува самата Фулер