Александар Велики ја наведна главата. Тој освои сè, и немаше веќе што да се освои. „А што е со оваа област тука?", рече, покажувајќи на неосенчениот дел од мапата.
„Тоа го освоивте минатата недела", рече неговиот врховен генерал. „Немавме време ни да ја обоиме".
На почетоците на Александар, светот беше свеж и нов, само што почнуваше да биде освојуван. На десетгодишна возраст тој ја имаше освоено цела Грција, облечен само во долна облека. Продолжи да ја покорува огромната персиска империја додека беше потполно гол и пијан. Едно утро се разбуди среде месечарење, и откри дека го освоил Египет. Еднаш самиот држеше под опсада цела тврдина, ѕиркајќи де од една, де од друга грмушка, преправајќи се дека е различен војник.
Секако имаше и потешкотии. На една оргијастичка победничка вечера, коска од кокошка му застана в грло. Додека посегнуваше по чаша вода, допре една стапица за глувци, па друга, па друга. Почна да потскокнува, и ногата му се заглави во кофа. Дури и во вакви околности, ја освои Индија.
Продолжи така, освојувајќи едно по друго кралство. Неговите генерали го молеа да сопре, но тој велеше: „Ајде де, уште едно", а тие одговараа, „епа ОК".
Неговото царство стана толку големо што, дури и денес, ако сретнете женска во кафана и ја поканите во вашиот стан да ја види мапата на неговото царство, кога конечно ќе дојде и ќе ù ја покажете, таа секогаш го вели истото: „Мора да се шалиш."
Александар ја смачкал секоја војска која му се спротивставила, убивајќи илјадници. Оние кои бегале од бојното поле биле бркани и потоа убивани. Жените и децата биле продавани како робови. Но среќните времиња не можеле да потраат долго. На крај, немало веќе луѓе за освојување.
„А што е со Асирците?", ги прашал Александар неговите генерали.
„ Ги освоивме", одговорил еден од нив.
„О.К. А што е со Бактријците?"
„О-сво-е-ни", одговориле неговите генерали, во хорче.
Александар станувал очаен. „А како би било на овие земји да им ја вратиме слободата, а потоа повторно да ги освоиме?" Генералите си гледале во стапалата. Еден од нив се накашлал.
„Добро, тогаш ќе ги освојам птиците на небото", рекол тој, но некој го потсетил дека тоа веќе го има сторено, и исто така дека му бил направен елоквентен говор од еден папагал.
„Што е со мравките? Мoже да ги освоиме?". Снебивајќи се, еден генерал одвитка мал документ за предавање.
Сакајќи да го утеши Александар, најумдриот од неговите советници рече: „Веројатно, господару, она што вие го барате не е да освоите, туку да бидете освоен."
Александар посегна по копје и го прободе.
Откако ги собра трупите, Александар им нареди да изградат примитивна ракета. Отпатува до месечината со триесет одбрани мажи, кои по целиот пат го задржуваа здивот. Тие сосема ги изненадија луѓето на месечината, и ја загадија нивната планета.
Тоа веројатно беше неговата најголема победа, Александар освои половина Небесно царство. Користејќи извидувачи за да ги подријат рајските порти, тој и неговата армија влета јавајќи на заробени воени слонови, газејќи пред себе ангели и светци. Но Рајот, како што наскоро сфати, „се главно облаци", и мудро се повлече.
Александар умре додека се подготвуваше за пат во друга вселена, која исто така се надеваше дека ќе ја сотре. Најпрвин, неговите генерали не веруваа во тоа, но потоа го изнесоа неговото тело, на кое се уште стоеше мечот и тазе дизајнираното „вселенско одело".
Велат дека бил погребан на Кавказ, помеѓу качунките, но никој не знае за сигурно. Постои легенда дека тој еден ден ќе се врати, веројатно во блиска иднина, кога на светот ќе му треба уште едно добро освојување.
Џек Ханди