
Дали некогаш чувствуваш дека не припаѓаш? Дека сакаш емоционална независност и често доаѓаш до оригинални идеи? Тогаш можеби спаѓаш во ново дефинираната личносна категорија – „отроверти“.
Терминот го измислил американскиот психијатар Рами Камински. Потекнува од „otro“ (друго) и „vert“ (вртење, како кај зборовите инверт или конверт). Ако интровертите гледаат кон себе, а екстровертите кон другите, отроверти се оние што речиси секогаш гледаат во различна насока од сите околу нив.
Камински ја препознал оваа црта и кај себе уште како дете, кога се приклучил на извидниците: додека другите биле возбудени од ритуалот на примање, тој не почувствувал ништо. Тоа, според него, ја отсликува суштината на овие луѓе – неприпаѓање.
Отроверти често не ја поседуваат способноста за „емоционално поврзување“ со околината, односно не се подложни на она што Камински го нарекува „феномен на блутут“ - ефектот што го има општеството кога ги поврзува, уште од мали нозе, членовите на заедницата под еден „чадорен“ идентитет. Затоа тие понекогаш можат да имаат тешкотии во општество каде што се цени групната припадност, особено во тинејџерски години. Но, тој верува дека тоа носи и предности: оригиналност, независно размислување и слобода од колективни фанатизми.
Во книгата „Дарот на неприпаѓањето: како аутсајдерите живеат во свет на припаѓачи“, тој пишува дека неприпаѓањето не е товар, туку дарба. Како примери за отроверти наведува личности како Фрида Кало, Франц Кафка, Алберт Ајнштајн и Џорџ Орвел – луѓе што успеале да гледаат критички и оригинално, токму затоа што не биле емоционално зависни од групи. Накратко, отроверти се луѓе што не се дел од „роеви, стада или јата“, туку независни мислители – бунтовници по природа.