Во 1977 на вселенските летала Војаџер 1 и 2 беше вклучена тн. Златна плоча, звуци и слики кои го претставуваат животот на Земјата, а беа (се) наменети за контакт со интелигентни вонземјани, или за некои идни луѓе кои би можеле да ги најдат овие записи.
Содржината на плочата беше дефинирана од комитет на НАСА, на чело со Карл Саган, и вклучуваше 116 слики, музички избор од различни култури и епохи (Бах, Бетовен, Слепиот Вили Џонсон, Чак Бери, фрули од Соломонските острови), говорни пораки на 55 јазици, како и разновидни природни звуци (птици, китови, бебешки плач). Но дури и Саган, иако замолил за примерок, не го добил. Така човештвото остана без достапна копија од сопствената „лична карта“.
За да ја одбележи 40-годишнината од лансирањето, која се навршува следната година, Давид Песовиц, уредник на сајтот за технологија Боинг Боинг, и директор на непрофитниот Институт за иднината, покрена кампања за онлајн собирање средства за повторна изработка на плочата, но овој пат за таа да остане на Земјата.
„Кога имав 7 години слушав за група луѓе кои создаваат пораки за да ги испратат на можни вонземјани. Тоа ми ја разгоре фантазијата. Идејата засекогаш остана со мене“, изјавил тој. Во тим со Лоренс Азерад, графички дизајнер кој има правено корици за Стинг и Бич Бојс, тој ќе изработи комплет три лонг-плејки на винил (не на позлата), кој ќе чини 98 долари. За мп3 генерацијата, дигиталното симнување ќе чини 25 долари.
Иако сумата којашто требаше да се постигне беше 198.000, во моментов на Кикстартер се собрани повеќе од 572 илјади долари, што само зборува за важноста која луѓето ја придаваат на овој симбол.
За целата музичка содржина на времето имало консензус помеѓу членовите на комитетот, освен за една песна - „Џони би гуд“. И Саган, и Алан Ломакс, фолклорист кој волонтирал во изборот на материјал, сметале дека таа не е достојна да го претставува човештвото, бидејќи била „за адолесценти“.
Денес физичка копија се чува во Музејот за национално воздухопловство во Вашингтон, но само алуминиумската корица, додека самата плоча воопшто не е изложена. Една таква има во НАСА центарот кој продолжува со мисиите на Војаџер, но таа може да се види само во тек на јавни предавања во аудиториум отворен за публика.
Во моментов Војаџер 1 претставува човечки артефакт кој стигнал најдалеку од Земјата. Втората копија од дискот, на Војаџер 2, е малку поблиску до нас, оддалечена „само“ милијарда и пол километри.