Дванаесет студенти, една третина од сите студенти на Рон Сригли, професор по филозофија на Универзитетот Лорентиан во Канада, ја прифатиле понудата да му ги предадат своите мобилни и да му ги опишат своите искуства, во замена за подобра оценка по предметот. Вообичаениот наратив во врска со користењето на телефоните, социјалните медиуми и дигиталната технологија е дека тие „градат заедница“ и „овозможуваат комуникација“. Првичните реакции на студентите кои останале без своите мобилни се вклопувале во него - дезориентација, фрустрација, дури и страв од исклученоста. Но кратко време по почетокот на експериментот, мнозинството сфатило дека мобилните всушност ги ограничуваат нивните врски со други луѓе и ги исклучуваат од реалноста.
Еден од симптомите на таа исклученост тие го забележале дури откако останале без телефоните - навиката и среде разговор со едно око (па и со две) да го насочуваме вниманието кон екраните, или да посегнуваме по мобилните во секоја можна прилика кога ќе останеме сами, макар и за минута, само за да ја одбегнеме осаменоста, или да изгледаме како такви. Истовремено осум од 12 студенти изјавиле дека им олеснало што не морале да одговараат на поплава од пораки и постови секојдневно, па дури и тоа што не морале истите да ги игнорираат, „затоа што немало што да се игнорира“. Некои од нив почнале да спијат помирно, а нивните родители дури се понудиле и да учествуваат во експериментот. Контактот со родителите бил и всушност еден од најтешките моменти за оние за кои мобилниот бил единствениот начин да се слушнат со нив.
И сето ова е логично и некако здраворазумско, но има и попанични изјави, на пример дека самото поседување мобилен човека го прави посигурен дека нема да му се случи нешто лошо - физички напад, киднапирање или здравствен проблем, а доколку се случи дека мобилниот би бил некој вид спас. Ова открива дека светот се сфаќа како многу опасно место, а телефоните како нужно „оружје“, иако конкретните студенти живеат во град кој има една од најниските стапки на криминал во светот.
Професорот од друга страна исто така нешто научил - дека не се телефоните тие што им го одземаат вниманието во училница, туку дека во тој нивен свет ТОЈ (како персонификација на реалноста) е пречката за нивната „среќа“, која се базира точно на отуѓеноста. Првиот експеримент за кој тој пишува во Технолоџи Ривју го извел во 2014, а следниот неодамна, забележувајќи ги разликите, кои се големи: денес и наједноставните активности како возење во автобус, нарачување јадење или станување сабајле подразбира користење мобилен. Новата генерација студенти, кои се и од поголем град, искажале поголем фатализам во однос на не-користењето мобилни, од кои како буквално да им зависи животот. И за разлика од извесен Питер кој во 2014 го завршил експериментот со тоа што си го фрлил мобилниот во река, на овие такво нешто не им паднало на памет.