На почетокот на 19 век низ Британија почнала да кружи бизарна медицинска паника. Биле дистрибуирани информативни памфлети. Биле пишувани книги со алармантни повици, а јавноста била предупредувана дека многу наскоро може да се претвори во...краво-луѓе.
Мала група контроверзни доктори поттикнувале грижи околу тогаш нова медицинска процедура, која вклучувала земање вирус од инфицирана крава и негово користење за заштита на луѓето против сипаници. Вирусот е вакцинија, оттаму и техниката е наречена вакцинација (oд латинското vacca - крава), а раните докази покажувале дека таа е неверојатно ефикасна, заштитувајќи 95% од луѓето од инфекција која во просек убивала една третина од своите жртви, а кај останатите оставала трајни последици.
Како и во текот на повиците за вакцинација при актуелната пандемија со Ковид-19, и тогаш имало скептици кои сметале дека вирусот од стока не треба да се внесува во човечко тело, бидејќи кај децата можат да се појават кравји карактеристики, на пример големи дамки како кај млечните крави, или дека вакцинираните жени можат да развијат симпатии кон бикови.
Всушност, до денес никој не знае од каде е дојден вирусот кој ја има речиси истребено сипаницата, освен дека тој е земен од крава. Па сепак, мистериозниот микроб се уште се користи, вклучително и во вакцини кои во моментов се развиваат против мајмунски сипаници. Во мај 2022 нивниот вирус почна да се шири низ Европа, откако во последните пет децении главно се среќаваше во Африка. За борба против него научниците се послужија со две вакцини кои претходно се користени против големи сипаници, за кои повеќе од еден век се сметаше дека се направени од кравја сипаница (cowpox).
Но во 1939, речиси 150 години од првите вакцинации, молекуларните тестови и посовременото генетско секвенцирање покажале дека тоа не е така. Всушност, вакцините кои биле користени за уништување на големите, а сега и за мајмунските сипаници, се базирани на непознат вирус кој никој до сега не го идентификувал - патогенски „дух“. И покрај 83-годишната потрага, никој не знае од каде стасал таму, ниту пак дали се уште постои во дивина. Едно нешто е јасно: милиони кои живееле во текот на епидемиите на сипаници му го должат животот на неговото постоење.
Луѓето не се единствените кои водат битка против вирусите на сипаници. Ова големо семејство вклучува десетици видови кои пак имаат своја ниша кај различни животни - дури и балегарите си имаат свои верзии. Кај цицачите постојат сипанични вируси кај коњи, камили, зајаци, ракуни, глувци, мајмуни. Една претпоставка е дека вирусот земен од крава од страна на Едвард Џенер, изумителот на вакцината против сипаници (за кого подетално пишувавме тука), воопшто не бил од крава туку од - коњ. Во својата оригинална статија за вакцината, тој самиот се сомнева во тоа дека кравјата сипаница всушност потекнува од коњи, од кои кравите се заразиле. Тоа подоцна и го потврдил, „жнеејќи“ го вирусот директно од коњи кој ја вршел истата работа, односно бил база за вакцинација. Таа всушност веќе и не требало да се вика така (бидејќи течноста не била земана од крави), туку посоодветен збор би бил „еквинација“ (еквус - коњ). Во 1817, Џенер испратил примерок од лимфа, заразна течност земена од еквиницирани поединци до британското Национално биро за вакцинација. Потоа, од централата во Лондон примероци биле испратени до голем број доктори. Дали ова ја означило замената на заразувањето со кравја сипаница со таква добиена од коњи? Или вирусот отсекогаш бил „коњски“?
Во 2017 меѓународен тим почнал да ги испитува вирусите содржани во вакцинациска опрема во музеи и колекции низ светот. Во 31 примерок тие не пронашле ниту еден геном на кравја, но имало такви од коњска сипаница, како и нешто што личело на вирус кој е ендемичен за Бразил, тн. Кантајо вирус кој предизвикува периодични зарази кај стоката. Разрешувањето на оваа мистерија денес би се покажало како крајно корисно, со оглед на потребата од третман на мајмунските сипаници, кои најверојатно се појавени бидејќи во голем број земји одамна не се практикува вакцинација од големи сипаници, што значи дека имунитетот кај населението кон ваквите сипанични вируси е намален.