Среќен Пи-ден

3.141592653589... во популарната култура

И покрај тоа што постојат и други важни математички константи, што се однесува до популарната култура на бројот пи му нема конкуренција. Денес во Америка е неговиот национален ден, а со оглед на тоа што празникот вклучува јадење пити, не гледаме причина зошто и ние не би можеле да се приклучиме.

Pi Day бил воведен во 1988, од страна на научниот музеј Експлораториум во Сан Франциско, основан од Френк Опенхајмер, помладиот брат физичар на Роберт Опенхајмер, откако бил ставен на црната листа од страна на владата на САД во текот на ерата на МекКарти. На почетокот тоа бил ден за забава на кој посетителите шетале низ музејот со смешни капи јадејќи пита. Но работата се проширила, па во 2009 владата на САД прогласила национален Пи Деј, поттикнувајќи ги училиштата да го одбележуваат со соодветни активности поврзани со математиката.

Помеѓу бројните научни референци со кои кокетира популарната култура, онаа за пи е толку честа што со право може да се зборува за „пи манија". Еве само неколку примери, покрај оние најпознатите во „Животот на Пи" и „Пи" на Аронофски.

- Њујорк Тајмс од 14. март 2007 ја искористил ознаката π во својот крстозбор, наместо стандардните П и И

- Во септември 2012 пет авиони опремени со технологија за пишување на небо во стил на Матрикс испишале 1,000 цифри од пи над Сан Франциско, во настан опишан како „пиформанс"

- Кога сме кај Матрикс, главниот лик Нео има само 314 секунди да влезе во Изворот.

- На 29 јануари 2013 Гугл понудил пи-милионска награда за успешно хакирање на оперативниот систем Хром на телефон кој користи Андроид

- Кејт Буш има песна „Пи", во која изговара 150 цифри на пи (иако гиковите забележале дека греши по 50-тата)

Стиховите опишуваат еден кул тип:

Сладок и нежен чувствителен дечко
со опсесивна природа и длабока фасцинација
за бројки
И комплетна обземеност од пресметки
на пи

- Песна за Пи има и Нобеловката Вислава Шимборска:

„И ќе замрат и небесата и земјата,
но не би бројот пи, о не
тој продолжува со неговата прилично восхитувачка петка,
неговата необично фина осмица,
далеку од конечната седмица,
подбутнувајќи,
секогаш подбутнувајќи ја да продолжи

лигавата вечност".

- Вака звучи пи музички. Креаторот на видеото Мајкл Блејк од Портланд бил даден на суд од друг, џез музичар кој тврдел дека е авторски оштетен, затоа што претходно создал дело „Пи симфонија" врз истиот принцип. Судот сепак одлучил дека пи е јавна сопственост и дека никој не може да бара авторско право врз него.

- Вака изгледа пи визуелно - за да се истражи едно од најстарите и се уште неодговорени прашања на математиката, дали цифрите на пи се редат случајно или сепак во тоа има некаква закономерност, се користат графички репрезентации како оваа, која може убаво да ви легне на ѕидот во дневна

- Постои парфем на Живанши, Пи

- Постои супер херој, Пи-Мен 

- За крај карикатура која кога би ја објаснувале би ја загубила смислата

Следниот пат кога ќе вртите погача за слава, помислете на Пи. А денес наместо пита можете да каснете и пица, без да се инаетите околу прецизноста на делбата на парчињата. 

14 март 2014 - 09:04