Ветерниците за производство на електрична енергија резултираат со егзодус на живиот свет, при што околу 70% од животните се „оддувани“од своите природни живеалишта.
Според докази прибрани од целиот свет, фински истражувачи прецизираат дека 63 отсто од птиците, 72 отсто од лилјаците и 67 отсто од копнените цицачи се раселени од областите каде што биле инсталирани турбини.
Најизразените ефекти се регистрирани кај бувовите, жеравите и ирвасите, кои по принципот „попаметниот попушта“, во просек се поместиле за 5 километри од местата каде што се жнее ветерот.
„Проблем е што истражувањата секогаш доаѓаат малку доцна“, вели Ане Толванен од Институтот за природни ресурси на Финска и коавтор на студијата.
Според некои експерти, за ветерниците оптимални места не се дивите предели туку земјоделското земјиште кое е веќе компромитирано во однос на биолошката разновидност и дава шанса на иста локација да се произведува и храна и енергија.