Лозата на клониран глушец изумрела по 58 генерации

Клонирањето на клонови на цицачи може да произведе здрави индивидуи за многу генерации, но не може вечно да ја одржи лозата. Јапонски истражувачи клонирале 58 генерации од еден глушец. Со секоја рунда прогресивно се акумулирале штетните мутации. Последната генерација умрела ден по раѓањето. Природната репродукција останува неопходна за ресетирање на генетските грешки.

Во природата има низа суштества што самите можат да се клонираат, како хидрата или коралните полипи. По успешното клонирање на првиот цицач - овцата Доли, се сметаше дека техниката може да се користи за масовно производство на супериорни припитомени животни или за спасување на загрозени видови. Истражување во Јапонија потврдува дека тоа е невозможно.

Експериментот предводен од Терухико Вакајама и Сајака Вакајама на Универзитетот Јаманаши, почнал во 2005 година со трансфер на јадро на соматски клетки на женка од глушец - истата техника со која беше создадена овцата Доли. Потоа постојано го клонирале потомството 58 генерации во текот на две децении, произведувајќи повеќе од 1.200 животни од еден донатор.

Раните генерации на клонови изгледале нормално, имале типичен животен век, па дури и покажале нешто подобрени стапки на успех во клонирањето. Некои успешно се спарувале со глувци кои не се клонови. Првите проблеми се појавиле по 25-та генерација. Ефикасноста на клонирањето нагло се намалило, а до 57-та генерација, стапката на успех паднала на само 0,6%. Сите глувци во 58-та генерација починале во рок од еден ден од раѓањето, и покрај тоа што немале очигледни физички абнормалности.

Секвенционирањето на целиот геном ја откри основната причина: штетните мутации прогресивно се акумулирале со секоја рунда на клонирање. Без генетското мешање што го обезбедува сексуалната репродукција, штетните промени - вклучувајќи точкести мутации, хромозомски абнормалности и губење на X хромозомот во некои случаи - не можеле да се исчистат. До подоцнежните генерации, оптоварувањето со мутации резултирало со „мутациско топење“.

Издвоени се неколку можни причини зад абнормалностите кај подоцнежните генерации. Научниците се сомневале дека генерација по генерација се губела ефикасноста на Трихостатин А (TSA) за нуклеарното репрограмирање - процес што ги ресетира клетките за да имаат способности за диференцијација на плурипотентни матични клетки без да се промени нивната ДНК. Анализата го покажала спротивното.

Не биле пронајдени ни епигенетските абнормалности - промени во генската експресија што ги вклучуваат и исклучуваат гените без да влијаат на структурата на ДНК секвенцата. Ембрионите на глувци кои биле клонирани in vitro, исто така, не покажале ништо абнормално во нивниот развој.

Од раѓањето на овцата Доли, технологијата за клонирање е замислена за разновидни примени. Сепак, овие наоди покажуваат дека практичната примена на клонирањето на цицачи бара подлабоко разбирање на биолошките ограничувања, што бара понатамошно истражување и ја потврдува еволутивната неизбежност дека половата репродукција е неопходна за долгорочниот опстанок на цицачките видови, објавија авторите.

19 јуни 2026 - 12:14