И органските јајца станаа закана за климата

На климатските активисти прво им беа виновни кравите, затоа што испуштаат метан. Сега на удар се кокошките, и тоа само слободните, кои се хранат без пестициди и несат органски јајца. „Гардијан“ пренесува студија во која се промовираат фармите со кафези, затоа што спакуваните кокошки испуштаат помалку штетни гасови и зафаќаат помал простор.

Целосното преминување кон органско производство на јајца од несилки што слободно се хранат би можело да резултира со речиси двојно поголеми емисии на стакленички гасови во споредба со производството од фарми со кафези, се предупредува во нова студија.

Авторите анализирале податоци од британски фарми за живина и моделирале како различните форми на производство на јајца би влијаеле врз климата, користењето на земјиштето, водните ресурси и квалитетот на живот на кокошките, со акцент на смртноста.

Кога сите типови живинарски фарми би произведувале ист број јајца, органските би генерирале емисии еквивалентни на 2,32 милиони тони јаглероден диоксид годишно, а системот со кафези би испуштал 1,18 милиони тони. Комбинираниот систем, каков што сега се користи во Британија, испушта 1,44 милиони тони еквивалент на ЦО2.

Типот на фармите не е главната причина за влијанието врз климата. Фармите без кафези бараат повеќе кокошки за да произведат ист број јајца. Тие консумираат повеќе храна по произведено јајце, додека оние во кафезите се хранат со оптималниот минимум.

Нашите наоди не се повик за враќање на кокошките во кафези, туку за компромисно комбинирање на системите заради подобри услови за живот за кокошките, поефикасно хранење, помала смртност и намалени емисии на штетни гасови, се истакнува во студијата.

Според пресметките на моделот, органските фарми имале и најлоши резултати во однос на искористената површина, трошењето на вода и закиселување на почвата. 

Органските фарми со слободен опсег, исто така, имаат и највисока стапка на смртност кај кокошките. Како можни причини се наведени заканата од предаторите, повредите, клукањето пердуви и болестите, за разлика од кокошките во кафези кои секојдневно покрај зрната клукаат и лекови за да не се прошири зараза.

Авторите забележуваат дека зголемената стапка на смртност не дава целосна слика за квалитетот на живот на кокошките. Издвоена е само поради тоа што е мерлива, за разлика од другите фактори - слободата на движење, природното однесување и емоционалната состојба на животните.

Експерти укажуваат на голем пропуст во истражувањето. Студијата е нова, но биле анализирани податоци од фарми за 2009 и 2010 година. Авторите одговараат дека за овие години имале најцелосни бази на податоци, за да може да направат споредба на сите системи со иста методологија.

Со анализата не биле опфатени ни употребата на пестициди на фармите, потенцијалните ефекти врз биодиверзитетот, здравјето на почвата и употребата на синтетички материјали.

******
Види и: Затворена кокошка пасиште сонува

31 јули 2026 - 11:33