Сè поголем број луѓе тврдат дека поседувањето миленичиња е неетичко и дека животните никогаш не можат навистина да имаат добар живот во човечки дом.
"Kога станува збор за поседување миленичиња, има различни нијанси на сиво. На едниот крај од спектарот: змија што неодамна ја забележав на една забава, ја носеа како ѓердан. На другиот, повредени куче и маче кои ги имам спасено од улица. Но, сè уште се прашувам дали е фер воопшто да ги задржам“, пишува Ели Брамли во Гардијан.
Трој Ветесе е историчар на животната средина и мисли дека чување домашно милениче повеќе е за сопственикот отколку за животното. Се чуваат животни кои се лесни за одржување а од кои може да се извлече најмногу емоционална поддршка. За него, во суштина се работи за „многу себична врска.“
Во Англија, 24% од сите сопственици го добиле своето милениче во изминатите две години. Од 2020 година биле купени вкупно 5,4 милиони миленичиња.
За време на пандемијата и карантините, на луѓето им беше досадно дома, па да се има куче со кое ќе може да се прошета се чинеше згодна комбинација. Штом луѓето се вратија на работа и сфатија дека нивните кучиња не обожаваат да бидат сами во стан по цели денови, многу засолништа за животни беа преплавени.
За Америка постојат податоци дека дури 70% од домаќинствата имаат некакво милениче. Запад одамна е подготвен за соживотот со нив. Постои Пет-Убер (такси за превоз на миленичиња), хотели, шетачи на кучиња па и психолози за миленичиња.
Џесика Пирс, биоетичар и авторка „Етиката на чување миленичиња“ вели дека домашните животни во последно време се во преинтензивна прегратка на луѓето, особено кучињата кои имаат сè помалку слобода да се движат и да бидат кучиња.
„Кучињата и мачките се повеќе се третираат како предмети, како производи, а не како суштества“, вели таа.
Луѓето смислуваат сè повеќе начини како домашните животни да бидат што повеќе „наши“отколку свои. Стануваат како нивни деца, има се купуваат машни за посебни пригоди, им се слават родендени.
Глобалната индустрија за домашни миленици е огромна и тежи 320 милијарди долари. Добар дел од тоа се должи на нашата желба да ги разгалиме животните и да ги опсипуваме со многу човечка, конзумеристичка љубов.
„Луѓето гледаат на кучињата како на емоционални помагала, без разлика дали тие се официјално терапевтски животни или не“, вели Пирс.
Ова го зема својот данок. Ако ја погледнете новата ветеринарна литература, ќе забележите дека постоел огромен пораст на „акутна анксиозност кај кучињата“.
И за крај, климата односно фамозниот јаглероден отпечаток. Иако постоеле студии по кои доколку се нутриционистички комплетни, веганските диети се поздрави и побезбедни за кучињата од конвенционалните режими на исхрана базирани на месо, тие, како што знаете, и натаму обожуваат месо.
„Ако американските миленици беа држава, тие ќе се рангираа на петтото место на глобално ниво по потрошувачка на месо, пред Германија“, се додава со загриженост.