The Nonhuman Rights Project со години работи на правна стратегија за признавање на животните како физички лица, за тие да можат да бидат штитеници или корисници на помош од различни фондации. Нeодамна го направија до сега најхрабриот чекор, поднесувајќи барање за едно лице да биде ослободено од незаконски притвор доколку не постојат доволни докази за неговото затворање. Само што овој пат принципот познат како habeas corpus кој го гарантира човечкото право на слобода наспроти своеволните правни одлуки би бил применет не врз човек туку врз - шимпанзо.
Томи, шимпанзо од Гловерсвил, Њујорк, е држен во кафез кој е сместен на паркинг за расходувани приколки. Петицијата не бара тој да биде ослободен за да шета низ градот, ниту пак да биде вратен во Африка, туку да биде одземен од сегашните сопственици и да биде сместен во соодветна институција. Сопственикот на Томи пак вели дека чул за петицијата од новинарите и дека кафезот на неговото шимпанзо е огромен „со тони играчки". Самиот се обидел да го смести во некоја од постоечките установи, но таму му рекле дека едноставно немаат место за Томи.
Групата изјавила дека планира да поднесе вакво барање во текот на неделава за уште три шимпанза во Њујорк. Два од нив се во сопственост на Универзитот Лујзијана и се користат за истражување на телесните движења.
Стивен М. Вајс, раководителот на Nonhuman Rights Project, во неговото образложение во прилог на петицијата долго 70 и нешто страници и полно со правни научни и филозофски референци, вели дека хабеас корпус е долго употребувана легална стратегија за превенирање на незаконски притвор на човечки суштества, но дека да се биде човек не е единствената основа за тоа да се има некакви права. Тој вели дека затворените шимпанза се всушност во ропство, и дека истите принципи кои важат за човечките робови би требало да важат и за нив.
„Петицијата бара од овој суд да издаде одлука дека Томи не е предмет кој е во нечија сопственост, туку дека е когнитивно сложено физичко лице со фундаментално право да не биде затворано".
Тој не бара судот да ги изедначи шимпанзата со луѓето, барем не во поголема мерка од таа во која ги изедначува корпорациите со човечките суштества. Но за разлика од повеќето корпорации, на пример, науката докажала дека шимпанзата имаат свест за себеси и другите, и квалитети кои го прави секое шимпанзо посебен табиет.