Анти-ваксери, некст левел

Анти-ваксерите, како и секоја идеологија, не можат да застанат и да кажат доста е. Сега тврдат дека вакцините им штетат на животните. Иако е јасно дека аутизам не постои кај кучињата. А беснило и тоа како постои.

Ерата на дезинформации и тотално бизарни трендови (знаете како Гвинет Палтроу ви предлага за 135 долари да се расонување со кафе, ама анално?) доведе до „логична“ епизода: анти-ваксери за животни. Со други зборови, заведувачките конструкции од анти-ваксерското движење се прелеаја меѓу сопствениците на животни како некоја заразна болест за која не постои вакцина.

Американските ветеринари предупредуваат дека сè поголем број сопственици на домашни миленичиња одбиваат да ги вакцинираат.

„Сведочиме на фактот дека голем број клиенти не сакаат нивните животни да бидат вакцинирани“, велат од еден ветеринарен центар, „и тоа најверојатно доаѓа од анти-ваксерското движење кое луѓето го аплицираат и на нивните миленици“.

Сосема е јасно дека аутизам кај кучиња не постои. Дополнително, многу е сомничаво дека кај животни може воопшто да се дефинира аутизам. Од друга страна, постојат серија опасни и заразни болести кои ги напаѓаат домашните миленици а може да бидат пренесени и на луѓето и за нив вакцините се најдобра превенција.

Да повториме, не постои научна евиденција која сугерира дека вакцините предизвикуваат аутизам кај луѓето, децата или кучињата и тоа непостоење линкови е потврдено одново, одново и одново.

Сите тие стравови за безбедноста на вакцините потекнуваат од една сомнителна теорија на разжалуваниот доктор Ендру Вејкфилд која во 1988 година навести постоење врска меѓу ММР вакцината и аутизмот. Подоцна таа студија беше тргната од евиденцијата откако во неа беа откриени „фатални конфликти на интереси“, сомнителни податоци и генерални недостатоци во истражувачката методологија а на Вејкфилд му беше одземена лиценцата за бавење со медицина. Се разбира, за анти-ваксерите тоа е само доказ дека фармако-мафијата пробала да го замолчи.

27 јануари 2018 - 09:47