Ако не сте гадливи, секогаш постои некаков излез

Да ви раскажеме како една бубачка успева да преживее дури и кога е проголтана од жаба - накратко, така што се пробива низ целиот дигестивен тракт на душманот и на крај излегува од неговиот анус. Молиме да не се брза со евтини политички паралели: онаму од кај што излегува бубачката, во светот на политиката, тоа обично е место во кое се влегува.  

Да бидат проголтани од жаба е смртна казна за повеќето инсекти но еден од нив нашол начин како да преживее и да излезе непоразен, преку задниот влез.

Мочуришната жаба Pelophylax nigromaculatus ја голта бубачката Regimbartia attenuatа цела и жива. Биолози забележале дека во голем број случаи, по некое време, ете ти ја неа повторно жива, во бекстејџ. Бидејќи таа жаба не прави дефекација после јадење, научниците претпоставуваат дека бубалката научила како да го стимулира тој рефлекс за да се олабават мускулите и на жабата да ѝ се отворат портите. 

Најбрзото измерено време во кое една бубачка минува низ целото тоа патешествие низ неочекуваните коридори на својот живот (езофагус, стомак, тенки црева, дебели црева) било шест минути, во просек околу еден час но имало случаи кога бегството знаело да потрае и шест часа (застани овде, застани онде).

Во случајов не се работи за херојски примероци на бубачката туку за некаков колективен ум бидејќи на овој начин успеваат да преживеат 93% од инсектите. Биолозите се речиси сигурни дека симулирањето на рефлексот за дефекација односно сигнализирањето „Мајсторе, задња!“, бубачките го прават со своите нозе. Како тоа го заклучиле? Така што на некои бубачки кои ќе бидат проголтани им ги залепувале нозете една за друга. Ниедна од нив не излегла жива.

Нешто поинаква стратегија за преживување има Pheropsophus jessoensis, инсект кој откако ќе биде проголтан, испушта такви гадости што на жабата стомак ѝ се превртува па најчесто го повраќа смрадот.

4 август 2020 - 08:42