Хомеопатија а.к.а. „здравствена опасност“

Руската академија на науки ја обележа хомеопатијата како здравствена опасност и сега бара од руското министерство за здравје да престане со користење хомеопатска медицина во државните болници низ земјата.

Комитетот на академијата заклучил дека дел од пациентите почнале да одбиваат стандардна медицина во корист на хомеопатски лекови, со што го загрозуваат сопствениот живот. Комитетот исто така предупредил дека дел од нелиценцираните хомеопатски лекови содржат токсични состојки.

„Принципот на хомеопатија е спротивен на сите познати хемиски, физички или биолошки закони, а убедливи научни тестови докажуваат дека таа нема никаков ефект“, се тврди во извештајот од комисијата.

Одлуката е дел од растечкото движење во Русија против хомеопатијата. Минатиот месец студентите од Првиот московски државен медицински универзитет започнаа петиција за забрана на предавање на хомеопатските принципи во медицинските училишта во Русија. Во ноември 2016 руската царина воведе нови правила со кои од производителите се бара да ја докажат ефикасноста на кој било хомеопатски производ што сакаат да го продаваат.

7 февруари 2017 - 10:10