Тедрос Аданом Гебрејесус алармира дека пандемијата уште не е завршена а луѓе веќе живеат во „лажно чувство на безбедност“ откако добиле вакцина.
„Во голем број држави и заедници, ние сме загрижени околу лажното чувство на безбедност дека вакцините ставиле крај на пандемијата, и дека луѓето кои се вакцинирани немаат потреба од какви било други мерки за претпазливост.
Вакцините спасуваат животи, ама тие не можат целосно да спречат заразување.
Бројките покажуваат дека пред Делта варијантата, вакцините го намалија пренесувањето на вирусот за 60%. Со Делта, ова падна на 40%“ изјавил Тедрос на прес-конференција во Женева.
Делта моментално е доминантна ковид варијанта во светот, заради што Тедрос апелира пазење без разлика каков ти е статусот со вакцинирањето. И покрај сите вакцини што излегоа во меѓувреме, негови главни препораки (згора на вакцинирањето) се истите мерки од почетокот на пандемијата: маски и дистанца.
„Не можеме доволно да нагласиме: дури и ако сте вакцинирани продолжете со мерки за претпазливост за да не се заразите себе си, или да заразите некој друг кој би можел да умре.
Ова значи носење маска, одржување дистанца, избегнување толпа, и средби со други луѓе само надвор или во добро вентилиран простор,“ порачува првиот човек на Светската здравствена организација.