ЕУ минатата година има потрошено 27,4 милиони тони пелети, што е 25% повеќе од 2016, и околу три-четвртини од глобалната потрошувачка.
„Иронијата е дека согорувањето гас ќе испушти далеку помалку јаглерод-диоксид отколку согорување дрво.
Луѓето се заглавени во аргументот ’треба да престанеме да согоруваме фосилни горива’ и забораваат дека аргументот всушност е дека мора да ги намалиме испуштањето јаглерод-диоксид,“ изјавува авторот на пет извештаи за Панелот за климатски промени на О.Н, Бил Мумав.
Главниот спор во сето ова е како се мери штетноста од согорувањето дрвени пелети. Според стандардите за обновлива енергија, ЕУ ги мери само штетните гасови од производство на дрвени пелети и нивниот трансфер до европските електрани.
Самото согорување на пелетите за добивање електрична енергија (која се води дека е од обновлив извор) од ЕУ се смета дека испушта нула штетни гасови. Обновливоста тука се базира на логиката дека производителите треба правилно да го одржуваат земјиштето со садење нови шуми кои ќе компензираат за штетните гасови што ги испушта нивниот производ.
Математиката околу користењето пелети за добивање електрична енергија ја спори една студија од МИТ, според која согорувањето дрво за добивање енергија ослободува повеќе јаглерод-диоксид во атмосферата по добиена единица струја отколку согорувањето јаглен за истата цел. Во исто време на новите шуми им се потребни меѓу 44 и 104 години за да надоместат за загадувањето.
„Според студијата, дрвото е помалку енергетски ефикасно од јагленот, што значи дека повеќе од него треба да се согори за да се добие исто количество енергија. Иако обновувањето на шумите на крај ќе го плати ’долгот од јаглерод-диоксид’ од согорување на дрвените пелети, времето потребно за тоа обновување ќе доведе до влошување на климатските промени, ’вклучувајќи и потенцијално неповратно штетно влијание што може да произлезе пред долгорочниот бенефит да се оствари’,“ пишува Чарли Мекги во текстот за Вол стрит журнал.