
Загрижувачки високо ниво на пестицидот глифосат, поврзан со ракот, е откриено во менструалните производи како тампоните, тврдат во заеднички извештај британски организации.
Авторите укажуваат дека отровните хемикалии апсорбирани преку вагината директно влегуваат во крвотокот, заобиколувајќи ги телесните системите за детоксикација на телото.
Биле тестирани 15 видови тампони од различни популарни брендови што вообичаено ги има во британските продавници. Во еден производ била откриена концентрација на глифосат од 0,004 милиграми на килограм, што е 40 пати од нивото што е дозволено во водата за пиење.
Глифосатот е најкористениот хербицид во светот иако е класифициран како „веројатно канцероген за луѓето“ од агенција на Светската здравствена организација. Глифосатот се поврзува и со развој на Паркинсонова болест и други сериозни здравствени состојби.
Се претпоставува дека глифосатот стигнал во тампоните преку памукот, култура што е високо загрозена од плевел и за чие одгледување се користат и до 300 разни пестициди низ светот.
Во извештајот се наведува дека нивото во хигиенските производи се смета за безбедно, но дека при дефинирањето на стандардите не се водело сметка за времетраењето на изложеност на хемикалиите и на степенот на апсорпција, која кај гениталиите е 11,8 пати повисока отколку преку кожата на дланката.
Ние имаме сосема други проблеми. Сè уште живееме во општество во кое менструацијата е табу.
Девојките и жените во Македонија сè уште се соочуваат со менструална сиромаштија, недостапност на соодветни производи, недостаток на информации и несоодветни хигиенски услови, се наведува во Истражувањето за менструална правда на групата Тиииит! Инк.
Менструалните продукти се премногу скапи, па жените и девојките во Македонија купуваат ефтини наместо квалитетни производи. Високата цена е друг проблем.
Голем дел од жените и девојките што немаат пари да купат влошки импровизираат со крпи или тоалетна хартија. Овие податоци говорат јасно дека менструацијата не е само биолошко, туку и социјално прашање. Прашање на правда, пристап и достоинство, наведува организацијата.