Студијата на Универзитетот Монаш биле спроведена на повеќе од 10.800 луѓе на возраст над 70 години. Кај оние што секојдневно и долго слушале музика биле регистрирани 39% помал ризик од развој на деменција, во споредба со лицата што никогаш, ретко или само понекогаш слушале музика. Оние што свиреле на инструменти имале 35% помал ризик од развој на болеста, за која медицината нема ефикасен лек.
Музиката ги подобрува целокупните когнитивни способности. Кај 17% од оние што често слушале музика била намалена инциденца на когнитивно оштетување. Оваа категорија лица имале и повисоки резултати во епизодната меморија (потсетување на секојдневните настани).
Комбинирањето на слушањето и создавањето музика дава уште поголема заштита од когнитивниот пад. Резултатите покажале дека за 33% го намалува ризикот од деменција и за 22% ризикот од когнитивни оштетувања. Притоа било забележано дека ефектите од музиката се поизразени кај лицата што се школувале најмалку 16 години.
Истражувањето сугерира дека музиката е достапна и пријатна стратегија за одржување на когнитивното здравје на мозокот во доцните години, без какви било несакани штетни ефекти, иако причинско-последичната врска не може да се утврди, велат авторите на истражувањето, студентката Ема Џафа и професорката Џоан Рајан од Монаш.
Бидејќи нема лек за деменција, професорката Рајан ја истакнува важноста на идентификување стратегии што би помогнале да се спречи или да се одложи појавата на болеста. Доказите сугерираат дека стареењето на мозокот не се базира само на возраста и на генетиката, туку може да биде под влијание на начинот на живот и условите во околината.
Меѓународната организација за Алцхајмерова болест во 2020 година процени дека од деменција страдаат повеќе од 50 милиони луѓе во светот и предупреди дека нивниот број се зголемува со загрижувачка стапка од 10 милиони годишно – по еден случај на секои 3,2 секунди. Бројот на лица со деменција се дуплира на секои 20 години и се очекува да достигне 152 милиони во 2050 година.
Други поранешни истражувања покажаа дека за одржување на здравјето на мозокот помагаат разни секојдневни ментални активности, како решавањето крстозбори, играњето карти или шах, водењето дневник или некое креативно хоби.