Научниците откриле молекула која ефикасно влијае на бактерии отпорни на сите видови антибиотици. Станува збор за извесен фабимицин, кој доколку ги помине клиничките тестови на луѓе, би се користел во борбата против некои од најупорните инфекции.
Новиот потенцијален третман ги таргетира грам-негативните бактерии, група на патогени кои тешко се уништуваат и кои најчесто се причина за инфекции на уринарниот тракт, запаление на белите дробови, па дури и крвотокот.
Овие типови на бактерии се отпорни на антибиотици поради заштитната надворешна мембрана која создава еден вид ѕид кој не дозволува да минуваат супстанци штетни за нив, како што се лековите.
Според истражувањето објавено во 2022 година во Лансет, резистентните бактерии секојдневно одземаат околу 3.500 животи, што ги прави една од водечките причини за смрт во светот.
Студија спроведена во англиска болница имаше слични обесхрабрувачки резултати, кои покажаа дека повеќе од една третина од луѓето со инфекции на крвта со грам-негативни бактерии починале во рок од една година.
Во текот на истражувањето, фабимицинот успеал да го пробие тој проблематичен надворешен слој, притоа не предизвикувајќи премногу штета на оние бактерии кои ни се корисни и потребни.