Мислеле, не мислеле, мозокот троши исто

Мозокот е штедлив, динамичен и неверојатно ефикасен орган - го регулира биењето на срцето, варењето на храната и рамнотежата додека во исто време се напрега да реши тешки задачи. И тоа го прави без да запре. Дури и кога се опуштате по напорен ден тој самиот си наоѓа работа и цица гликоза. Во мирување согорува енергија само 5% помалку отколку кога максимално се напрега.

Истражување на тимот на невронаучникот Шарна Џамадар од Универзитетот Монаш покажало дека сложените когнитивни задачи само симболично ги зголемуваат метаболичките трошоци на мозокот.

Во однос на другите органи тие се прилично големи. Иако сочинува само 2% од телесната тежина, мозокот согорува 20% од внесената енергија. Тоа е околу 0,3 киловат часови на ден, сто пати повеќе отколку што троши мобилен телефон. Енергијата првенствено се користи во форма на аденозин трифосфат, молекулата што ги напојува мозочните клетки.

Голем дел од енергијата се троши на „домаќинските“ обврски. Невроните мора да ги одржат деликатните разлики во напонот за да бидат спремни за активирање. Само на ова може да биде потрошена половина, па и повеќе од енергијата што ја цица мозокот. Во стандардниот режим тивко работи на фантазирање, планирање, сеќавање, саморефлексија и бенигна емоционална обработка. Уште поважна е улогата на контрола на телото и на врските помеѓу органите и ткивата.

Еволутивниот развој пренасочил околу 5% повеќе енергија во мозокот, што било критично за да се обезбеди опстанок во многу посурови средини од денешните, објаснува невроспецијалистот Захид Падамзи од Медицинскиот факултет Weill Cornell во Катар.

Новите анализи покажале дека дури и ментално тешките задачи - како меморирање податоци или решавање логички загатки, не предизвикува драматичен скок во употребата на гликоза. Мозокот ја прилагодува употребата на енергијата со приоретизирање на мрежи. За да се обезбеди рамнотежа при фокусирање на визуелни стимулации, на пример, може да позајми енергија од аудитивниот кортекс.

Мозокот е и автоматска машина за предвидување, но прави селекција на дразбите. Реагира само кога новите сензации не се совпаѓаат со вообичаените. Тоа го прави неверојатно штедливо. За ваква активност на суперкомпјутер би му биле потребни мегавати енергија. Мозокот троши само 17 вати, помалку од штедлива сијалица.

Штедливоста има цена. Невроните имаат капацитет да реагираат по 500 пати во секунда, но вообичаено работат на фреквенција од 4 Херци.

Како причина за менталната исцрпеност е посочен стресот, кој го преплавува организмот со кортизол, но феноменот не е целосно објаснет. Една теорија е дека мозокот симулира замор за да спречи енергетско преоптоварување на долг рок.

10 јуни 2025 - 16:36