Студијата која стига до овие резултати опфаќа деца на возраст од 3 до 5 години, на кои им се правени специјални тестирања на мозокот, и чие оценување е дополнето со посебна мерка наречена СкринКју.
Кај СкринКју оценка нула значи дека детето немало никаква изложеност на екрани во спалната соба, ниту гледало телевизија или користело апликации до 18 месечна возраст, никаква изложеност на насилни содржини, гледање максимум 1 час на ден високо квалитетни содржини, гледање со родители итн. На сосема другата страна е оценката 26, што значи комплетно не почитување на насоките од Американската академија на педијатри, односно гледање пред 1-годишна возраст, екрани во спалната соба, гледање насилни содржини, многу повеќе време пред екран, гледање без родители итн.
Научниците ја искористиле СкринКју оценката на детето и ја споредиле со резултатите од скенирањето на неговиот мозок, кое во основа треба да го покаже нивото на создавање на белата маса во мозокот.
Просечна оценка на студијата била 9-ка, а опсегот бил од 1 до 19. Околу 41% од децата имале екран во собата (таблет, лаптоп, смартфон, компјутер или телевизор), а околу 60% имале свој мобилен уред. Медијаното време на користење (бројката која ги одвојува горната и долната половина од статистиките) било час и пол на ден, но опсегот бил од нула до 12 часа.
По контролирање на резултатите во однос на возраст, пол и приходи, децата со повисок СкринКју имале пониски резултати во скенирањето на мозокот (создавањето на белата маса), посебно во деловите поврзани со јазик и писменост. По ова на децата им е направен и когнитивен тест за мерење на јазичните способности и раната писменост, и резултатите корелирале со она што го покажале претходни тестови.
Без намера да воведат уште една параноја меѓу родителите, научниците зад студијата објаснуваат дека ова не треба да се сфати дека „екраните се лоши“ туку дека „екраните не се толку добра идеја во моментов, исто како што возење автомобил на 3 до 5 годишна возраст не е толку добра идеја.“ И покрај ова тие ги издвојуваат таблет уредите, кои ги опишуваат како „толку моќни и сеприсутни, што можеби не припаѓаат во рацете на новороденчиња и дечиња.“
„Од перспектива на науката за мозокот, она што на младите деца им треба се искуства кои ќе ги засилат нивните мозочни мрежи.
Сè е околу искуствата. Дали времето пред екран им попречи околу нешто што можеше да биде конструктивно како читање, играње, зборување?“ порачува првиот човек на истражувањет др. Џон Хатон.
Не сакајќи да ги натера родителите во дефанзива и инат околу целата работа, пораката е дека работите не треба да се гледаат на начин „екраните се лоши“ или “ти си лош родител“, туку: „Во раните годините, ти си премногу важен, а добро родителство вклучува да бидеш таму, да имаш интеракција, да зборуваш, да играш, да пееш, да прашуваш и одговараш на прашања, и секако да читаш.“
„На децата на оваа возраст им требаат човечки искуства за нивните мозоци да се развијат оптимално и да ги засилат овие предели. Навистина треба да бидеме внимателни и да се осигуриме дека децата ќе имаат пристап до истите интерактивни искуства кои нашите мозоци веројатно се подесени да ги бараат,“ објаснува Хатон.