Идејата за ставање нешто во водата која се пие за да им се смени паметот или расположението на луѓето е стара тема од научната фантастика, завереничките теории или тоталитарните фантазирања.
А природата веќе се погрижила за тоа, ставајќи ни психотропна дрога во природната вода. Се вика литиум и го има во различни нивоа во питката вода.
Неговите медицински ефекти првпат се проучувани кај животните а подоцна и кај луѓето се утврдени точните дози кои помагаат за третирање на биполарни однесувања или пак облици на депресија кои се отпорни на медикаменти.
Во текот на минативе 40-тина години откако тивко се проучува овој феномен изградена е сериозна документација дека литиумот е поврзан со намалена стапка на самоубиства и дека елементот придонесува за мозочното здравје и доброто расположение.
Засега, тоа се само корелации, без темелно каузално објаснување.
Во 90-тите години, истражување на 27 тексашки општини со различно ниво на литиум во водата покажало јасни разлики меѓу степенот на самоубиства, убиства и силувања. 20 години подоцна, јапонско истражување ги потврдува ваквите наоди на друг крај на светот.
Преглед на епидемиолошки студии на оваа тема покажал дека во 9 од 11 истражувања, недвосмислено е констатирана врска меѓу високото количество литиум во локалната вода и низа медицински, клинички и правни бенефити за заедницата.