Најголемиот дел од студиите кои тврдат дека појадокот е апсолутно клучен за нашето здравје, успешно се спроведени благодарејќи на парите на производителите на житарици за појадок. Или како што објаснува нутриционистката Мерион Нестле, тие се финансирани "од компании чиј бизнис зависи од тоа луѓето да веруваат дека појадок е еднаков на житарки од кутија."
Слични резултати даваат и студиите кои откриваат поврзаност меѓу високиот БМИ и срцевите заболувања и непојадувањето (дел спонзорирани од индустријата, дел не).
"Ако ги разгледаш овие студии, ќе видиш дека прескокнувањето појадок е лошо за тебе, дека тоа некако ти го расипува метаболизмот, дека те разболува, и предизвикува да се здебелиш со тоа што подоцна во денот повеќе ќе јадеш.
Меѓутоа важно е да не се помеша поврзаност и причина. Овие студии генерално следеле луѓе кои веќе редовно појадувале и потоа ги споредиле со луѓето кои не појадувале. Тоа не биле експерименти во кои случајно избрани луѓе требало да појадуваат или не, па да се спореди разликата.
Ова значи дека појадокот сам по себе не мора да се причина за разликата во телесната тежина или болестите меѓу двете групи," пишува Џулија Белуз во Вокс, објаснувајќи дека токму заради тоа науката е многу внимателна да прогласи дека постои каква било врска меѓу појадокот и одредени здравствени состојби.
Научниците се имаат обидено ова да го направат прописно (и не со пари од индустријата) и да го утврдат точниот ефект на редовниот појадок. Тие 16 недели следат 300 луѓе кои се обидуваат да ослабат. Резултатот е дека јадењето појадок немало никаков ефект во овој период. Истражувачи од Универзитетот Алабама, собираат резултати од повеќе независни, контролирани студии на тема појадок. До сега имаат најдено 6 што одговараат на описот. Сите освен една покажале дека појадокот нема никаков значителен ефект врз слабеењето. Таа едната заклучила дека прескокнувањето појадок всушност доведува до слабеење.
Од разговорот со луѓето од Универзитетот, Џулија повторува едно клучно појаснување околу резултатите на овие студии, односно дека "внесувањето голем број калории подоцна во текот на денот, не е исто што и прескокнување појадок".
"Важно е да бидеме на чисто што велат, а што не, истражувањата околу појадокот. Според нив појадокот можеби не ги заслужува сите здравствени заслуги што му се припишуваат - ама не и дека појадокот е бесцелен. Комплетно е возможно појадокот да има бенефиции за здравјето, посебно за одредени групи, како деца во развој или спортисти. Проблемот е што нема доволно докази околу овие бенефиции.
И можеби е претерување да се бараат вакви докази, бидејќи би ти требале долгорочни контролирани студии кои се скапи и екстремно тешки за да се постават (затоа што учесниците ќе треба со години да се држат до навиките околу појадувањето).
Некои експерти како нутриционистот од Јеил, Дејвид Катц, уште се про-појадок, тврдејќи дека тоа е одличен дел од денот за полнење на резервите со влакна и овошје.
Други тврдат дека 'кој било шаблон за исхрана може да промовира здравје ако вклучува зеленчук и овошје, ги балансира калориите, и не вклучува брза храна.'
За мене почетокот на денот со мусли, ми е одличен старт. Ама тоа сум јас. Ако си човек кој појадува, продолжи; само гледај да појадуваш нешто здраво. Ако не си, не се секирај. Според науката, во секој случај ти е добро," порачува Џулија.