Кога зборовите ќе пресушат

„Останав без зборови" порано беше само метафора за воодушевување или зачуденост. Денес такво нешто веднаш се припишува како рана фаза на Алцхајмер. А не мора да е ни едното ни другото.

Мистериозното мозочно нарушување е наречено примарна прогресивна афазија (ППА), а оние кои страдаат од него немаат ниту нарушено помнење, ниту пак проблеми со мислењето, туку едноставно се вербално „заклучени", оставени без зборови со кои би можеле да се искажат.

Медицината сè уште не знае многу за ова нарушување, а тоа не било ни идентификувано како такво до 1980-тите. Причината е главно во тоа што роднините и пријателите на ваквите пациенти, особено ако тие се во поодминати години, ова го толкуваат како рана форма на деменција, па освен што престануваат да им прават муабет, ги третираат како да се веќе неспособни да се грижат за себе.

Иако, освен зборовите, ним ништо друго не им фали.

"Зборувањето и користењето на јазик за комуницирање е прилично сложена работа. Самото говорење активира 100 мускули помеѓу белите дробови и усните за производство на најмалку 14 одделни звуци во секунда", вели д-р Џозеф Дафи од клиниката Мајо.

Пациенти кои имаат доживеано мозочен удар или повреда на главата често имаат проблем со производството на звуци и зборови. Но афазијата за којашто станува збор не се појавува заради вакви причини, туку затоа што региите во мозокот коишто го контролираат зборувањето се заболени или дегенерирани, што резултира со тешкотии во комуникацијата, кои само надворешно делуваат како знаци на деменција.

За да се види што е што помага магнетната резонанца, а таа може да покаже чија афазија би напредувала брзо, и дали се работи за таков тип кој може да премине во Алцхајмер, што значи да биде придружена со губиток на меморија и способност не само да се зборува, туку и да се разбира она што се слуша.

Најновите студии се концентрираат на таква мозочна стимулација која би го забавила процесот. До тогаш се работи на развој на тн. „говорни помошници" како MiniTalk, преку кои пациентите можат да „зборуваат" или да одговараат на прашања со однапред програмирани вербални фрази или со внесување на свои реченици кои потоа ги изговара на глас тоа, како се викаше, тоа...

...апаратот.

17 февруари 2016 - 10:03