Дваесет и шестгодишниот Киано Вафаејан во декември ја искористил канадската програма Медицинска помош за умирање (MAID), која им овозможува на пациентите со „тешки и неизлечиви“ медицински состојби самите да побараат смртоносна доза лекови.
Во 2021 година критериумите за асистираната еутаназија беа проширени за да ги вклучат лицата со хронични болести и попреченост. Во процедура во парламентот се проширување на мерката и за лица со други здравствени состојби.
Депресијата на Вафаејан произлегла од сообраќајна несреќа што ја преживеал на возраст од 17 години. Неговата мајка, Маргарет Марсила, тврди дека болеста се влошувала во текот на зимските месеци, а состојбата се стабилизирала преку лето. Откако во 2022 година го изгубил видот на едното око, тој станал „опседнат“ со програмата за асистирано самоубиство, но семејството успешно го одвраќало.

Мајката раскажува дека односот со синот се подобрувал, особено откако го преселила во Торонто и му обезбедила негувателка. Вафаејан ѝ испраќал пораки дека „се радува на ново поглавје“ и дека се обидува да заштеди пари за да можат да патуваат заедно. До октомври, тој се запишал во теретана и завршил 30 лични тренинзи.
Сепак, минатата година докторка во Британска Колумбија, го одобрила барањето од Вафаејан, без да го информира неговото семејство. Како објаснување за еутаназијата се наведени „претходни причини“ – слепило, тешка периферна невропатија (оштетување на нервите што предизвикува болка и вкочанетост) и дијабетес.
Семејството тврди дека медицинските картони не го поткрепуваат тврдењето дека „тешката периферна невропатија“ е квалификациски фактор за асистираното самоубиство.

Мајката тврди дека докторката Елен Вибе не само што не се обидела да го обесхрабри, туку и го подучувала Вафаејан како да се квалификува како пациент од ниво „Track 2“, чија смрт не се смета за „разумно неизбежна“. Лекарите можат да одобрат и да спроведат еутаназија кај пациенти од Track 2 во рок од 90 дена.
По смртта на синот, мајката почна кампања за укинување на асистираната еутаназија за пациенти што страдаат само од ментална болест.
Тој беше жив затоа што луѓето му помагаа кога беше ранлив и неспособен да донесе конечна, неповратна одлука... Ова не е здравствена заштита. Ова е неуспех на етиката, одговорноста и човештвото. Ниеден родител не треба да го погреба своето дете затоа што системот и лекари ја избрале смртта пред грижата, помошта или љубовта, вели мајката.