Хемија во целофан го репрограмира мозокот

Прехранбената индустрија има ефикасна формула да промовира штетна, па и опасна храна како „здрава“, не само со маркетиншки трикови што го лажат окото. Внимателно креирана комбинација од состојки во ултрапреработената храна го репрограмира мозокот за да ја блокира ситоста и да бара повеќе и повеќе храна. Најлошото е што мислиме дека ја контролираме ситуацијата.

Нова невронаучна студија од Британија спроведена врз речиси 30.000 луѓе, откри дека честото консумирање на ултрапреработена храна влијае не само на телесната тежина, туку и на архитектурата на мозокот.

Во главна улога е хипоталамусот, мал, но моќен команден центар кој ги регулира гладот, жедта, хормоните на стрес и однесувањето при хранење. Тој прима информации за состојбата на метаболизмот, нивото на шеќер во крвта, количината на складирани масти и хормоните како што се грелинот и лептинот. Откако обработените информации ќе достигнат одредено ниво, хипоталамусот испраќа сигнал за ситост.

Но, тој може да се прелаже. Секојдневните пораки од емулгатори, адитиви, вештачки ароми и комбинации од шеќер, сол и масти со тек на време го нарушуваат неговиот механизам за донесување одлуки. Збунет што оваа храна не доаѓа со вообичаените нутритивни обрасци, мозокот почнал да ја препознава како „здрава“.

Научниците анализирале податоци од UK Biobank за навики во исхраната и наоди од магнетна резонанца на мозок кај речиси 30.000 луѓе на средна возраст. Резултатите јасно покажале дека редовната консумација на ултрапреработена храна е поврзана со намалување на волуменот на сивата материја во регионите што ја контролираат контролата на импулсите, чувството на ситост и донесувањето одлуки. Промените во мозокот биле видливи и кога биле филтрирани фактори како индексот на телесна маса, нивото на шеќер во крвта и маркерите за хронично воспаление, што значи дека биле директна последица од консумирањето таква храна.

Забележано е и губење на функционалната поврзаност помеѓу хипоталамусот и центрите за награда во кои се лачи допамин. Ова предизвикува лицето да не го препознае моментот кога биолошки ситата состојба е веќе достигната, туку продолжува да јаде затоа што му причинува задоволство. 

Ултрапреработената храна е фин израз за речиси сè што може лесно да се пристапи, да се џвака без напор и брзо да се проголта: замрзнати пици, чоколадни намази, инстант супи, пилешки медалјони,  рибни стапчиња, разни житарки, енергетски плочки што не мувлосуваат со години или протеински пијалоци со вкусови кои никогаш не постоеле во природата. Сите тие содржат долг список на состојки што прилегаат како за во лабораторија, а не кујна: емулгатори, засладувачи, згуснувачи, стабилизатори, зајакнувачи на вкус, бои и ароми. Наведени се со ситни шифри на амбалажата, покрај големите пораки „без шеќер“, „лесно“, „фит“ или „природно“.

11 јули 2025 - 12:49